Обвинителството од Општина Битола подигнало документи за одредени предмети за легализација на објекти кои се воделе во изминатите години. Градоначалничката Наташа Петровска потврди дека документите биле подигнати пред еден месец, но во интерес на истрагата не прецизираше за кои објекти се работи.
„Имаме легализации за кои пред месец дена повторно обвинителството подигна документи, што е потврда дека се одвивале низа работи по постапки и процедури кои не запазувале фази и чекори што треба една легализација да ги запазува. Изработивме документ кој таксативно ги набројува сите фази што треба да бидат запазени при легализација. Легализациите се одобруваат онаму каде што имаме конкретна документација“, рече Петровска.
Таа посочи дека кога дошла за градоначалник пред една година, затекнала пет регистри полни со документи за легализирање објекти, а нерешени предмети имало од 2011. Во изминатите месеци, во неколку наврати беше критикувна од опозицијата дека ја закочила легализацијата. Но, Петровска вели дека не била закочена процедурата, туку направиле подготовка за тоа како треба сѐ да биде документирано за една легализација да биде потпишана. Утврдиле, како што вели, контроверзни документи, од една страна издадено решение за рушење од градежна инспекција, а од друга страна за истиот објект решение за легализација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА