ОД 1.600 ДО 2.400 ЕВРА ЗЕЛЕ ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО БИТОЛА, А ОШТЕТЕНИТЕ БИТОЛЧАНИ ДОБИЈА ВО ПРОСЕК ПО 12 ЕВРА

    ОД 1.600 ДО 2.400 ЕВРА ЗЕЛЕ ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО БИТОЛА, А ОШТЕТЕНИТЕ БИТОЛЧАНИ ДОБИЈА ВО ПРОСЕК ПО 12 ЕВРАНа порталот „Отворени финансии“ има податоци за седум лица чии имиња се спомнуваат во Комисијата за проценки од штети, а на кои Општината им исплатила вкупно околу 14.000 евра или  од 1.600 до 2.400 евра за секој член. (Фото: СДК.МК)

    На седум лица чии имиња се спомнуваат во Комисијата за проценки од штетиоштета од земјотресот во 2022 во Битола, според податоците на порталот „Отворени финансии“ (https://open.finance.gov.mk/mk/home), Општината им исплатила вкупно околу 14.000 евра или  од 1.600 до 2.400 евра за секој член.

    Членовите на Комисијата, петмина експерти и 15 лица вработени во Општината се објавени во Службениот гласник на Општина Битола. Но, само за седуммина од нив, двајца експерти и петмина општински административци на „Отворени финансии“ има податоци дека им биле исплатени пари на 13. 10.2023 година. Едниот од експертите, по професија градежен инженер, зел 151.039 денари (околу 2.500 евра), а другиот дипломиран правник 135.000 денари (околу 2.200 евра). Лицата од администрација истиот ден зеле од 1.650 евра до 1.980 евра. Вкупно кон проценителите биле исплатени 843.210 денари, (околу 14.000 евра).

    Според објавите во Службениот гласник, за проценка на штетите земале по 360 денари од предмет што би дошло околу 2.342 решени предмети.

    Од Општина Битола и по два испратени е-пошти со барања да добиеме податоци колку пари зеле проценителите, не добивме конкретни одговори. Прашањето го поставивме за да направиме споредба колку пари добија проценителите наспроти правните и физичките лица, на кои дури деновиве, по четири години од земјотресот, им се исплаќаат само пет проценти од штетите, што во просек дојде по околу 750 денари (околу 12 евра) по лице.

    Од Општината посочија само дека биле исплатени согласно одлуката на советниците и бројот на сработени предмети. Не соопштија ни колку изнесува најниската, а колку највисоката исплата на оштетените граѓани, зашто велат дека Законот за заштита на лични податоци не дозволувал поединечно да се истакнуваат износи.

    Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку, која беше претседателка на Советот во периодот кога се случи земјотресот, реагира дека „битолчани добија по 81 денар за штетите од земјотресот“.

    „За 2.400 оштетени битолчани од земјотресот се одобрени 5%, просек по 700 денари, а за Комисијата за проценки на штета од земјотреси се потрешени милион денари за десетина души? Лоша математиката, ама гледам крепи Битола уште повеќе“, реагира Илиевска.

    Неспорно е дека Комисијата уште истата година ги завршила обврските за кои била избрана. Ги проценила штетите на 35.690.926 или 584.617 евра и го подготви извештајот во вид на елаборат испратен до Владата. Но, Владата во октомври 2024 година решила да се издвојат само 5 проценти од штетата, односно 1.784.546 денари (29.000 евра). Со тоа настана голема разлика во исплатата на оштетените и проценителите.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 7 февруари објави дека по 4 години од земјотресот, деновиве на битолчани им се исплаќаат само пет отсто од отштетата и дека со парите најмногу што можат да купат е канта со боја.

    Средствата од државниот буџет беа префрлени на наменска сметка на Општината на 24.12.2024, но исплатени по повеќе од една година. Во меѓувреме се одржаа и локалните избори. Од Општината велат дека исплатата доцнела поради погрешно доставени податоци од граѓаните.

    Во јануари 2022, Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Нaјсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница и други институции, згради и куќи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира