ОД 1 СЕПТЕМВРИ СЕ ОТВОРААТ ЧИТАЛНИТЕ ВО БИБЛИОТЕКИТЕ, ЌЕ РАБОТАТ ДО 19 ЧАСОТ СПОРЕД КОВИД ПРОТОКОЛИ

    ОД 1 СЕПТЕМВРИ СЕ ОТВОРААТ ЧИТАЛНИТЕ ВО БИБЛИОТЕКИТЕ, ЌЕ РАБОТАТ ДО 19 ЧАСОТ СПОРЕД КОВИД ПРОТОКОЛИБројот на присутни во читалната е ограничен, вратите и прозорците се оставаат отворени и се фиксираат, пред влезот се остава сунѓер со средство за дезинфекција на обувките, пред влезот на читалната се поставува средство за дезинфекција на рацете, секое место за седење се нумерира. (Фото: К. Попов)

    Од први септември, според посебни ковид протоколи ќе почнат да работат читалните во библиотеките. Од Град Скопје денеска соопштија дека читалните во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе работат од 8 до 19 часот од понеделник до петок според посебен протокол, за да се овозможи заштита на корисниците и на вработените од ширењето на коронавирусот.

    Протоколите предвидуваат во целиот објект да се отстранат сите места за седење кои се надвор од читалните. Се забранува присуство во другите простории на објектот каде што се наоѓа читалната односно во хол, аула, простории за одмор. Чантите и ранците не смеат да се оставаат на подот, вратите и прозорците не смеат да се затворат, храна и пијалаци не смеат да се оставаат на масите. Задолжително е носење маска во читалната, масите и столчињата да се наоѓаат на растојание од најмалку 1,5 до 2 метра.

    Бројот на присутни во читалната е ограничен. Вратите и прозорците се оставаат отворени, истите се фиксираат, пред влезот се остава сунѓер со средство за дезинфекција на обувките, пред влезот на читалната се поставува средство за дезинфекција на рацете, секое место за седење се нумерира, а автоматите за самопослужување на пијалаци и храна не се во функција.

    Пред секое влегување се дезинфицираат рацете. Лицето задолжено за прием на студентите и распределување на местата во читалната задолжително носи ракавици, маска и визир за заштита. Пред влегувањето во читалната, се мери телесната температура на корисникот, на пријавница се покажува членска карта и се добива соодветно место за седење. Се евидентираат времето, име, презиме и податоци за контакт, странката одговара на прашања дали била во контакт со лице позитивно на ковид-19 и дали има симптоми.

    Според протоколите, просториите треба да се дезинфицираат на секои 2 часа, а клима уредите нема да работат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира