ОД АПРИЛ БИЛЕТ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕ ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“, КАРТИЧКАТА „СКОПСКА“ СО НОВ ДИЗАЈН

    ОД АПРИЛ БИЛЕТ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕ ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“, КАРТИЧКАТА „СКОПСКА“ СО НОВ ДИЗАЈННов дизајн имаат и двата вида картички, персонализирани и неперсонализирани, а во употреба остануваат и картичките со стар дизајн. (Фото: ЈСП „Скопје“)

    Од април, ЈСП „Скопје“ ќе воведе билет за едно возење. Според постојниот систем за електронска наплата кој беше воведен во јануари 2017, билет за едно возење не може да се купи ниту во билетарниците . Едно возење може да наплати единствено преку плаќање со телефон.

    „ЈСП ‘Скопје‘‚ планира во текот на месец април да воведе електронски билет за едно возење, а од месец јуни да се имплементира и напредна апликација за смарт уреди со кои на граѓаните ќе им се овозможи максимална флексибилност при користење и купување на нашите услуги“, велат од јавното претпријатие.

    Од денеска, електронските картички „скопска“ кои се пуштени во продажба се со нов дизајн. Нов дизајн имаат и двата вида картички, персонализирани и неперсонализирани. Цената и функционалноста на новите картички останува иста како и на старите. Новите „скопска“ имаат и холограмска заштита, која овозможува поголем степен на безбедност од злоупотреба. Во употреба остануваат и картичките со стар дизајн.

    „Идејата и одлуката за новиот дизајн е симболично врзанa со планираните новини кои ЈСП ‘Скопје’ ќе ги реализира во текот на годинава, како набавка на нови автобуси и корекции во системот за наплата. Паралелно ќе биде извршена и надоградба на системот за електронска локација на возилата, кој ќе овозможи попрецизно и визуелно иформирање на граѓаните со цел полесно планирање на патувањето“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Новите еколошки автобуси на гас ќе се набават со кредит од Европската банка за обнова и развој. Во вторникот, Собранието го усвои Законот за гаранција за обврските по Договорот за заем за финансирање на набавката, по што треба јавното сообраќајно претпријатие да го распише тендерот за набавка. Кредитот е во висина од 10 милиони евра, а ЈСП „Скопје“ ќе учествува во набавката со 2 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира