ОД ДЕНЕС АНКЕТА ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА КАРПОШ ДАЛИ САКААТ ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ

    ОД ДЕНЕС АНКЕТА ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА КАРПОШ ДАЛИ САКААТ ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕАвтомобили паркирани на тротоар во Карпош 2 (архивска фотографија)

    Општина Карпош од денеска почна со анкета на жителите на населбата Карпош 1 дали сакаат зонско паркирање. Посебно обучени тимови од Општината, со легитимација и анкетен лист, во следниот период ќе ги посетат сите домаќинства во Карпош 1, со цел да се увиди интересот на граѓаните и да им се дадат подетални информации за тоа како би функционирал организираниот начин на паркирање.

    „По завршување на анкетата во Карпош 1, ќе се продолжи со анкетирање на граѓаните од урбаната заедница Карпош 2. Теренско анкетирање во урбаната заедница Карпош 1, со цел граѓаните да одлучат дали се за регулирање на паркирањето или не. Оваа анкета се спроведува како резултат на поднесени иницијативи од заедници на сопственици за воведување на зонско паркирање“, велат од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев.

    Тимовите ќе ги анкетираат граѓаните секој работен ден од 17 до 19, а за време на викендот од 10 до 13 часот.

    Во случај граѓаните да не се во нивните домови, анкетен прашалник ќе можат да пополнат во урбаната заедница во Карпош 1 на улица Иван Аговски бб, при што ќе треба да покажат своја лична карта дека се жители на оваа населба.

    Регулацијата на паркингот значи дека граѓаните на Карпош 1 ќе имаат право бесплатно да паркираат до три сопствени возилa, а паркирањето би било организирано и спроведено од ЈП „Градски паркинг“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира