Од денеска, повторно е пуштена за сообраќај делницата Подмоље-Охрид, со што може да се користи овој дел од влезот во Охрид.
Делницата, како дел од автопатот Кичево-Охрид, согласно со времениот режим беше затворена за сообраќај кој беше пренасочен преку регионалниот пат Охрид-Подмоље поради градежни активности на изградба на клучката Охрид, на изградба на бетонски мостови, како и земјени и асфалтерски работи на овој дел од трасата.
„Рокот предвиден за изведба на работите беше до 10 јули, но направивме напори делницата на главната траса да ја ставиме во функција и пред предвидениот рок“, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми.
Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) пред една недела кажа дека ќе бара одговорност оти туристичкиот сектор трпи огромни штети од затворањето на влезот на градот. Пренасочувањето на сообраќајот на стариот пат за време на летната сезона, но и несоодветната патна инфраструктура на брегот на Охридското Езер, создаваат колони возила и револт кај туристите.
Автопатот се гради од 2014, но поради бројни неправилности и нерешени имотно-правни односи, до денес не е завршен. Последната најава од Владата е дека ќе биде завршен до крајот на оваа година.
А. АНТЕВСКА