Од денеска Општина Центар почнува со градежните активности од третата и од четвртата фаза од реконструкцијата на улицата Орце Николов. Поради изведбата на градежните активности ќе се воспостави нов сообраќаен режим на повеќе улици во Дебар Маало.
Во третата фаза се предвидува целосно затворање на Орце Николов од раскрсницата со улицата Наум Наумовски-Борче до влезот на паркингот пред административните бараки на Општина Центар. Се предвидува целосно затворање на пристапот до Боемска улица, а улицата Михаил Цоков ќе биде пренаменета во двонасочна и возилата што доаѓаат од Илинденска ќе се движат низ паркингот пред Општина Центар за приклучување до улицата Орце Николов. Како што велат од Општината во оваа фаза улицата Ленинова останува двонасочна како во претходните фази, а на улицата Отон Жупанчиќ се воведува двонасочен сообраќај и забрана за паркирање возила. Улиците Наум Наумовски- Борче, Антоние Грубишиќ и Радњанска ќе бидат еднонасочни во спротивен правец од постојниот сообраќаен режим.
„Во четвртата фаза се предвидува целосно затворање на улицата Орце Николов од влезот на паркингот пред административните бараки на Општина Центар до првиот влез пред Министерството за одбрана. На улицата Дане Крапчев до раскрсницата со улицата Дебарца се воведува двонасочен сообраќај и забрана за паркирање возила, а сообраќајниот режим на улицата Антоние Грубишиќ оставува ист како во третата фаза“, велат од Општина Центар.
Во претходните фази се реконструираа коловозните, пешачките и велосипедските површини, поставено е ново ЛЕД-осветлување и воведен е нов систем за модернизација на јавното осветлување. Во првата и втората фаза е поставена нова атмосферска канализација и вертикална сигнализација, ослободени се јавните површини и воведен е нов кружен тек на крстосницата со Ленинова. Во втората фаза беа исечени осум дрвја кои како што кажа градоначалникот Саша Богдановиќ биле стари.
Целосната реконструкција на улицата ќе се одвива во шест фази на површина од 7.182 квадратни метри, а инвестицијата за целиот проект изнесува 77 милиони денари, средства од општинскиот буџет.
А. АНТЕВСКА