ОД КОРОНАВИРУС ЗАБОЛЕН ПАЦИЕНТ ОД ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА ВО БИТОЛА, ДИРЕКТОРКАТА ВЕЛИ ПРЕЗЕМЕНИ СЕ СИТЕ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА

    ОД КОРОНАВИРУС ЗАБОЛЕН ПАЦИЕНТ ОД ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА ВО БИТОЛА, ДИРЕКТОРКАТА ВЕЛИ ПРЕЗЕМЕНИ СЕ СИТЕ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТАБолниот е примен в болница, двајца други стари лица од домот кои биле во соба со него се во изолација, а осумина од вработените се испратени во домашна самоизолација, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на „Сју Рајдер“ Јулијана Котевска. (Фото: СДК.МК)

    Пациент од домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола е заболен од коронавирусот и хоспитализиран е на Инфективното одделение во Битолската болница. Двајца други стари лица, исто така сместени во Домот кои биле во соба со него, се во изолација, а осумина од вработените се испратени во домашна самоизолација, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на „Сју Рајдер“ Јулијана Котевска.

    Ова не е денешен случај, туку пацинетот е вклучен во статистиката на заболени битолчани од претходните денови. Тој во петокот добил покачена температура, па била повикана Брза помош и информиран Центарот за јавно здравје во Битола. Од пациентот бил земен брис кој се покажал позитивен, по што бил хоспитализиран во Болницата каде се целосно подготвени да им помогнат на болните и ги спроведуваат сите насоки од Министерството за здравство.

    Во домот „Сју Рајдер“ направена е дополнителна дезинфекција од установата и од Центарот за јавно здравје. Директорката Котевска вели дека се преземени сите мерки за заштита на вработените и згрижените стари лица во Домот. Веќе два месеца забранета е посета на старите, а за заболениот се знае дека имал внука од Гемранија.

    „Алармирам на здравствена култура и молам за разбирање на луѓето. Нашите штитеници се во добро здравје и се преземаат сите мерки за заштита, па нема место за паника. Домот функционира нормално, има греење, храна и нега. На интернет страницата на домот ги има телефонските броеви и семејствата на лицата кои се тука згрижени можат да се јават и да се информираат за нивната состојба“, вели Котевска.

    Таа вели за себе дека е здравствен работник и оти е подготвена ако треба да се вклучи во здравствената заштита во Домот.

    До вчера, според статистиката објавена од Министерството за здравство, во Битолла има шест заболени од КОВИД-19.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира