Вандали ја искршиле спомен плочата посветена на револуционерот Ацо Шопов. Сојузот на борците ја постави оваа спомен плоча на оградниот зид од неговата родна куќа во таканареченото Горно Маало во Штип. Соседите не знаат да кажат од кого е скршена спомен плочата, ниту па знаат точно кога тоа се случило. Сметаат дека вандализмот е скорешен, оти плочата неодамна била целосна.
Претседателот на Сојузот на борците Трендафил Атанасовски од нас слушна за искршената плоча и рече дека случајот ќе го пријави во полицијата и веднаш заедно со општинските власти ќе преземат мерки за нејзино санирање.
„Со општинските власти работиме на реализација на иницијативата во штипско Ново Село, една од старите куќи да се обнови и адаптира во спомен куќа на значајните личности од Штип, првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, првиот командант на НОБ и ПОМ Михајло Апостолски и на основоположникот на современата македонска поезија Ацо Шопов, и покрај тоа што за него веќе има спомен соба во Домот на културата кој го носи неговото име“, вели Атанасовски.
Спомен плочата е единственото што остана од родната куќа на семејството Шопови, Коцка и Ѓорѓи и нивните деца. Во неа се родил поетот и академик Ацо Шопов, неговиот постар брат Димитар и помладиот Борислав. При крајот на Втората светска војна Ацо го добил синот Владимир, сега починат, а неколку години подоцна се родила и ќерката Јасмина која денес живее во Париз. Само од време навреме доаѓа во Македонија и во родниот град. Најстариот брат Димитар е роден 1920, Ацо три години подоцна, а најмалиот во 1927.
Сите биле учени луѓе, а најдалеку отишол Ацо кој во Белград завршил филозофски факултет отсек чиста филозофија. Тогаш започнува неговата богата кариера, од врвен поет и преведувач до академик и амбасадор во Сенегал. Таму ја напишал познатата песна „Од Штип до Жоал“. Му се раѓаат децата Владимир и Јасмина.
„Со братучетка ми Јасмина и денес постојано сме во контакт и си споделуваме спомените за нашите чичковци, ги читаме мемоарите на нашите родители и бараме нови информации и сеќавања за нив. Кога чичко ми Ацо заминал во партизани, веднаш по него тргнал и татко ми Димитар, а пак по него и помалиот чичко Борислав кој бил курир“, вели ќерката на најстариот брат Димитар, Солза Шопова Грчева.
Според нејзиното кажување, нивните родители починале од болест, а чичкото Ацо поради немање пари за запишување во погорно одделение морал да повторува, иако бил најнапреден во генерацијата. Тројцата браќа биле чувани од тетка им Стојка од Кочани.
„Моите родители тогаш живееле во друга куќа која и денес постои во центарот на Штип покрај реката Отиња, веднаш до експозитурата на Комерцијална банка. По војната чичко ми Ацо заминал за Скопје, а татко ми бил назначен за директор на Гимназијата во Штип. Неколку години подоцна и моите родители се преселиле во главниот град , а во 1954 година кога мајка ми отишла на гости кај тетка ми во Штип ме родила мене. Баба ми Коцка (Костадинка) Русева била домаќинка, а дедо ми Ѓорги берберин. Биле целосно посветени на синовите“, вели Грчева.
Според сопругата на Ацо, Светлана, нивната родна куќа во Штип била продадена во 1960 на едно штипско семејство, кое пак пред 5 години ја отуѓило на други. Подоцна куќата била целосно обновена, реновирана и адаптирана за потребите на верската заедница Јеховини сведоци, чија табла и денес постои високо на фасадата. Спомен плочата за Ацо од куќата била извадена и поставена на оградниот зид до куќата на улицата „Сане Георгиев“ во Штип.
„Пред неколку години, со група ученици престојувавме во Штип и имав намера да ја посетиме родната куќа на Ацо, но дури подоцна сфатив зошто домаќините организираа богата агенда, но не и да го посетиме местото на старата куќа на Шопови. Се надевам дека сè што е оштетено и пропуштено за Шопови брзо ќе биде санирано и надоместено со адекватна почит кон нивното дело“, вели Светлана Шопова.
Т. ЈОВАНОВСКИ