ОД МАКЕДОНСКАТА СТРАНА НА ГРАНИЦАТА СО ГРЦИЈА ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА КОЈ Е ЗАТВОРЕН 58 ГОДИНИ

    ОД МАКЕДОНСКАТА СТРАНА НА ГРАНИЦАТА СО ГРЦИЈА ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА КОЈ Е ЗАТВОРЕН 58 ГОДИНИ

    Евроамбасадорот Михалис Рокас заедно со премиерот Христијан Мицкоски,  постојаниот преставник на УНДП Армен Григоријан и ресенскиот градоначалник Јован Тозиевски со засадување дрвца и удирање камен темелник од македонската страна на границата, го означија почетокот од реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа. Преминот е затворен 58 години, а според најавите интензивно ќе се обновува во следните 16 месеци и треба да биде готов до 2027 . Средствата во износ околу  од 14 милиони евра за преминот се обезбедени преку ЕУ, а имплементацијата се одвива преку УНДП.

    ,,Ова е историски ден, вчера во Ресен  еден од советниците ме праша која е визијата на ЕУ за Преспанскиот регион. Му одговорив дека за ЕУ е многу поважно која е визијата на граѓаните од трите страни на Преспа. Најважно е да се има визија која ќе биде фокусирана од луѓето за луѓето, на размената на искуствата од трите страни на границата, економскиот развој и зачувување на езерото кое не е само наследство на Преспанскиот регион туку се смета и за светско наследство”, рече евроамбасадорот Рокас.

    Премиерот Мицкоски рече дека ова е позитивен пример кој треба да продолжи да се следи. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали го променил мислењето за Преспанскиот договор кој своевремено го критикуваше, а сега се почнува со обновата на преминот кој како придобивка произлегува токму од него, Мицковски рече дека до денес го има истиот став.

    ,,Претпоставувам знаете за каков човек станува збор, никогаш не сум го променил моето мислење, до денес го имам истиот став. Но, уште пред 6 години сум кажал дека тоа е реалност и ако сакаме да бидеме реални политичари мора реалноста да ја погледаме во очи. Политиката е уметност на можното.  Жалам што претходната Влада не бираше средства да ја понижи и ја засрами Македонија. Сѐ додека функционирам политички ќе се борам сите неправди кои ѝ се случија на мојата Македонија во изминатите 7 години да бидат исправени”, одговори Мицкоски.

    Во следниот период ќе се изведуваат  градежни работи за царинската зграда на Маркова Нога со придружната инфраструктура, и тоа канцеларија на осигурителната компанија, јавни тоалети, резервоар за вода, нова станица за третман на вода кај трафостаницата, три пристапни патишта и паркинг кај новиот граничен премин. Со новиот премин се очекува поголем економски и туристички развој на Преспанскиот Регион и поголема соработка на жителите од двете страни на границата.

    ,,Во престојните 16 месеци ќе се вршат градежните работи и ќе се трудиме да бидат навремено завршен. Неговата изградба ќе ни покаже дека економските развој и прекугранична соработка можат да одат рака под рака со одржливоста на животната средина” , рече постојаниот преставник на УНДП Армен Григоријан.

    Наскоро се очекува со градежни интервенции да се започне и од грчката страна.

    ,,Ист е крајниот рок за завршување на работите и од македонска и од грчка страна,  по договорот со ЕУ до 2027 година. Се подготвуваат и од грчката страна да почнат со градба многу скоро.  Таму имаше еден пролем со патна инфраструктура од 3 километри која треба да се изгради. Таа е до пола изградена и се надеваме дека за скоро и од таа страна ќе биде отпочната градбата“, рече градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА 

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира