Од стан полн со ѓубре, кој не е исчитен со месеци по смртта на сопственичката, се шири неподнослива реа низ зградата на улицата Климент Охридски број 19 кај Стара болница во Битола. Жителите стравуваат од појава на зараза и штетници, па итно бараат државните и локалните институции да преземат мерки за решавање на проблемот.
Станари од зградата кажуваат дека вратата од станот извесен период била пломбирана со поставена лента од полицијата откако внатре било пронајдено телото на станарката повеќе недели по смртта. Според нив, извесен роднина е наследник на станот, но тој не живее во Македонија.
„Жената почина пред скоро една година, а состојбата е катастрофална и опасна по здравјето на сите станари и пошироката околина. Станот е полн со ѓубре, мувла, инсекти. Балконот е претворен во депонија, а влезната врата извесен период беше запечатена со градежна пена и полициска лента, но станот сè уште не е исчистен. Миризбата е неподнослива, се шири по целиот објект и влегува во становите на станарите“, реагира Љубица Стерјева, жителка на зградата.
Станарите бараат итна реакција, чистење, дезинфекција и трајно решавање на проблемот. Ако веднаш не се преземат мерки, најавуваат протест и пријавување до високи меѓународни тела за заштита на здравјето и човековите права.
„Со ова директно се загрозува јавното здравје, особено на децата, повозрасните и лицата со ослабен имунитет. Институциите досега не презеле никакви конкретни мерки, и покрај бројните пријави и молби“, додава Стерјева.
Од Општина Битола велат дека немаат надлежност да влезат во станот зашто тој има сопственик и законски негова должност е да го исчисти. Во спротивно, треба да реагира станбената заедница до надлежните институции, да достави допис, па да побара и асистенција од Комуналната инспекција.
Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека тое е приватен имот и таму можат да постапат само ако добијат задолжение од станбениот сервис, МВР или Обвинителството.
Ж. ЗДРАВКОВСКА