ОД НЕПОЗНАТИ ПРИЧИНИ УГИНАА 60-ИНА ОВЦИ ВО ВЕЛЕШКОТО СЕЛО РАШТАНИ

    ОД НЕПОЗНАТИ ПРИЧИНИ УГИНАА 60-ИНА ОВЦИ ВО ВЕЛЕШКОТО СЕЛО РАШТАНИСлучајот го испитува Агенцијата за храна и ветеринарство, која земала мостри од угинатите животни (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за храна и ветеринарство ја испитува смртта на 60-ина овци, кои минатата седмица му угинаа на сточарот Тодор Јованчев од велешкото село Раштани. Во два дена, минатиот вторник и среда, во стадото на Јованчев умреле овци, за што тој не ја знае причината, но има сомнежи.

    „Дента овците беа на пасење, вечерта ги собрав во трлото. Утрото кога појдов, што да видам, овци нагло умираа. Сум видел да умираат од прејаденост, но вака од ништо, не. Толку години татко ми беше сточар, сега и јас, вакво нешто не сум доживеал. Овците беа вакцинирани, може некој фрлил нешто на пасиштето, па дојде до ова масовно угинување“, вели Јованчев.

    Тој штетата ја проценува на околу 10.000 евра. Инцидентот го пријавил во полиција и во Агенција за храна и ветеринарство. Од СВР Велес потврдија дека имаат пријава за угинување на поголем број овци, но велат дека Агенција за храна и ветеринарство извршила увид.

    „Извршен е увид на одгледувалиштето на сточарот Тодор Јованчев во велешкото село Раштани, каде според поднесената пријава, од непознати причини угинале шеесетина овци. Земени се мостри од угинатите животни за утврдување на причината на смртта. Угинатите животни се закопани согласно одредбите од Законот за нус производи“, соопштија од АХВ.

    Таа ги очекува резултатите од испитувањата на мострите, кои се вршат во акредитирани лаборатории на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, по што ќе биде позната натамошната постапка.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира