ОД УТРЕ ЗАБРАНА ЗА ДОТУР НА СТОКА ОД 7.30 ДО 18 ЧАСОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    ОД УТРЕ ЗАБРАНА ЗА ДОТУР НА СТОКА ОД 7.30 ДО 18 ЧАСОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕДистрибутерите ќе можат да се паркираат на јавните паркиралишта и од таму да ја доставуваат стоката, а забраната се однесува на паркирање на улици и тротоари (Фото: М. Златевска)

    Од утре стартува забраната за дотур на стока во центарот на Скопје, која ја воведе Град Скопје, како една од мерките против загадувањето.

    Возилата и камионите на дистрибутивните компании од 7.30 до 18 часот ќе можат да се движат низ центарот да градот, да се паркираат на паркинзи, но нема да смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и тротоари. Оваа забрана не се однесува за фирми кои имаат обезбеден простор за дотур на стока, туку на возилата кои застануваат на тротоари и улици и притоа ги оставаат запалени возилата. Дистрибутерите ќе можат да се паркираат на јавните паркиралишта и од таму да ја доставуваат стоката.

    Забраната за дотур на стока ќе важи до 31 март за центарот на градот, односно за потегот од Рузвелтова до железничката станица, од Илинденска до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот Теодосиј Гологанов до Јужен булевар.

    Од Град Скопје велат дека веќе имале средби со фирмите со цел да се надминат недоразбирањата за спроведување на мерката.

    „Свесни сме за непопуларноста на оваа мерка меѓу доставувачите на стока. Бараме начин како да ги ублажиме евентуалните негативни последици од нејзината примена. Во истовреме, апелираме за разбирање од фирмите што имаат потреба од зачестена достава на стока и ги замолуваме да најдат начин да ја почитуваат забраната“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

    Дистрибутерите кои нема да ја почитуваат забраната ќе бидат казнети со 45 евра или 150 евра. Ако комбињата истовараат стока на улица казната ќе биде 45 евра, а ако се паркирани на тротоар со 150 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира