ОД УТРОВО НЕМА АВТОБУСИ, СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ОСТАНА БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО МАНДАТ НА ДАНЕЛА АРСОВСКА

    ОД УТРОВО НЕМА АВТОБУСИ, СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ОСТАНА БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО МАНДАТ НА ДАНЕЛА АРСОВСКАСкопјани денеска може да стасаат на работа и на школо само пеш, со кола или ако начекаат приватен автобус. (Фото: К. Попов)

    Од утрово, во Скопје нема јавен превоз. Автобусите на ЈСП „Скопје“ ги нема на улиците бидејќи вработените немаат земено плата за септември, а раководствата на претпријатието и на Град Скопје не најдоа решение како да им се исплати. На автобуските станици граѓани чекаат автобуси со часови, но ги има само приватните превозници кои се ретки и ги нема на сите линии.

    Во двете бази на ЈСП во Автокоманда и Ѓорче Петров возачите се дојдени на работа, но седат во дворот покрај автобусите.

    Вчера, на вонредната седница на Советот на Град Скопје која траеше неколку часа, советниците од сите партии и градоначалничката Данела Арсовска неместо да дискутираат за решенија како да продолжи да функционира јавниот превоз во градот, се караа кој е поголем криминалец, кој го довел претпријатието во оваа ситуација, кој украл пари од тендери, кој на кого му го исклучил микрофонот и слично. За денеска во 13 часот е закажана нова седница, на која треба да се донесе одлука од која ставка од буџетот ќе се пренаменат пари за плата во ЈСП.

    Во мандат на градоначалничката Данела Арсовска, се случува за првпат во историјата главниот град Скопје да нема јавен превоз. Арсовска изборите пред една година ги доби со нејзиното главно ветување бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и 250 еколошки автобуси, а денеска таа на граѓаните на Скопје не може да им обезбеди никаков јавен превоз.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира