Околу 60-ина атлетичари и рекреативци од Скопје, Велес, Струмица, Богданци, Дојран и Гевгелија, заедно со 10-ина припадници на граничната полиција од Чешка, трчаа од Валандово преку Богданци и Дојран до Гевгелија за поддршка на лицата со пулмонална хипертензија во земјава. Тие истрчаа околу 35 километри, за од центарот на Гевгелија да упатат порака до надлежните дека и лицата кои страдаат од оваа ретка болест заслужуваат подобар живот.
Иницијатор на полумаратонот беше 53-годишната Валентина Узунова од Богданци, која важи за амбасадор на пациентите со пулмонална хипертензија во Македонија, рекреативка која има учествувано на многу маратони.
„Сакам овие пациенти, но и сите кои страдат од ретки болести, да бидат видливи во општеството. Лековите за оваа болест се доста скапи, а станува збор за белодробно заболување кое пациентите ги остава без здив и ако навреме не се отпочне со лекувањето, болеста може да биде фатална“, кажа Узунова.
Организатор на полумаратонот или хуманитарно трчање беше Здружението за пулмонална хипертензија „Момент плус“ од Гевгелија, со поддршка на атлетскиот клуб „7 Ноември“. Ѓургица Ќаева од Гевгелија, која страда од оваа болест, вели дека мора да има лекови за сите пациенти, независно дали пулмоналната хипертензија е примарна или секундарна болест кај нив.
„Во Европа, повеќето земји имаат соодветна грижа и рана дијагноза за третман на време. Постојат 16 лекови за пулмонална хипертензија, а тука кај нас имаме само два со селективен пристап. Сакаме да имаме подобар квалитет на живот и лекови на време, да има услови за рано дијагностицирање и третман на сите“, вели Ќаева, која на целта во Гевгелија, со дел од тркачите пуштија розеви балони како симболика на нивните пораки.
Во земјава се регистрирани 15-ина пациенти со пулмонална хипертензија.
В. ТРАЈКОВ