Во месноста Карпалак на автопатрот Тетово-Скопје се одбележа 25-годишнината од загинувањето на 10 бранители кои во армиски конвој се движеа кон Тетово. Конвојот беше нападнат од терористичките сили на УЧК, кои со ракетни фрлачи го погодија автобусот во кој беа бранителите од Прилеп.
И денес, 25 години од овој трагичен настан, на местото каде што се случи сè уште не е изградено достоинствено спомен-обележје. На настанот потсетува само една спомен-плоча на која се испишани имињата на загинатите бранители: Сашо Китаноски, Марко Деспотоски, Нане Наумоски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован Шабаноски.
„Еве сме по 25. пат на ова место каде што се случи една од најголемите трагедии во нашата понова историја. За жал, 24 години цвеќе положуваме на една обична банкина на пат, без никакво спомен-обележје. Во оваа наша држава, без разлика кој ја води, ниту еден не најде храброст да изгради едно спомен-обележје. Но, не само овде, нема ниту во Вејце, на Кале и секаде каде што загинаа нашите бранители. Нашите ‘патриоти’ што се на власт се сеќаваат на нас само 10 минути во годината кога ќе дојдеме овде. Ние, како бранители, немаме никакви права, 25 години никој не нè прашал како живееме, дали нешто ни треба, уште немаме здравствено осигурување. Како да кажам, нè третираат како терористи“, револтирано изјави Јордан Трајковски, учесник во конфликтот од 2001 и член на Здружението на воени резервни обврзници од Прилеп.
На спомен-плочата со имињата на десетте загинати бранители цвеќе положија делегации на Владата, предводена од министерката за образование Весна Јанеска и министерот за спорт Борко Ристовски, претставници од Кабинетот на претседателот на државата, претставници од АРМ, како и роднини и пријатели на загинатите бранители и претставници на политички партии и здруженија.
З. АНДОНОВ



