Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности по реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот во домот на директорката на Гимназијата во Демир Хисар.
По завршувањето на активностите, дополнително јавноста ќе биде известена, ни рекоа од СВР Битола.
Оттаму велат дека претресот бил направен по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“, врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот. Претресот го извршиле службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Демир Хисар.
Од претресот во домот на директорката, видеоснимка на интернет објави Жаре Стеваноски, адвокатот на директорката на училиштето Маја Лозановска. На неа се гледа дека при претресот имало намера таа иако е на боледување, на носилки да се однесе на информативен разговор во полиција. Се барал печатот од училиштето.
На објавената снимка се слуша како лицето кое адвокатот го именува како началник, вели:
„Ќе ја лишам од слобода, неа ѝ е забрането да се движи, но не е во животозагрозувачка состојба. Таа нема да се движи, ќе биде изнесена на носилка и донесена в полиција да се обави информативен разговор со неа“.
Адвокатот реагира дека полицијата има само налог за претрес, но не и налог за нејзино апсење, па бара од синот на директорката да ја заклучи вратата.
„Началникот на полицијата во Демир Хисар инсистираше таа да биде спроведена во полициската станица, на што реагирав. Беше повикана и Итна медицинска помош која констатира дека не се препорачува движење и дека има покачен крвен притисок, а началникот и покрај тоа инсистираше. Суштината е пред распишување на изборите да се спроведе решението за разрешување од страна на градоначалникот на Демир Хисар и да се назначи новата директорка, која требаше да ги дореализира трите нови вработувања. Сметаме дека ова е само политички атак за пред распишување на изборите да се обезбедат три работни места во училиштето“, изјави Стевановски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од Обвинителството соопштија дека била издадена наредба за претрес на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на директорката. Но, ОЈО Битола не издало наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај.
Неколку дена пред настанот градоначалникот на Демир Хисар ја разреши директорката именувајќи нова за вршител на дејност. Од опозиционата СДСМ го обвинија дека незаконски, заобиколувајќи го Училишниот одбор, и со одземени ингеренции од Министерството за образование, се обидел да ја смени директорката.
Градоначалникот Никола Најдовски во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ситуацијата е само драма, нема политичка позадина, нити вработувања.
„Постапено е по решение од Државен просветен инспекторат кое констатира големи прекршоци во работата на директорот. Ме задолжи итно и неодложно да ја разрешам. А исто така го задолжува и Советот за итно и неодложно да го разреши и училишниот одбор бидејќи и тој сноси одговорност. Постапено е по двете решенија во вторникот. Сè друго е драма. Новата в.д директорка само констатирала дека ги нема печатите на училиштето што е недозволиво и кривично дело. Училиштето не е во нечија сопственост и потребни се печатите за да функционира непречено“, рече Најдовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА