Можностите за вработување на лицата со попреченост се ограничени и во Македонија и во регионот. Една од можностите за нивно ефикасно и продуктивно работно ангажирање е преку одгледување ароматични и лековити билки и нивна преработка. Тоа може да придонесе за развој на вештините, моториката и способностите за самостоен живот на оваа категорија граѓани, велат од Здружението на лица со церебрална парализа од Велес кое го изведе проектот „Лица со попреченост одгледуваат органски лековити билки“.
Во проектот беа вклучени 50 лица, кои се едуцираа за можностите за работно ангажирање.
„Теоретски не можевме да учиме како се одгледуваат 20 билки, колку што ги има во прирачникот. Во практиката работевме со пет билки: лаванда, рузмарин, босилек, невен и жалфија, како се користат и какво е нивното дејство. На нашите површини, каде што ги засадивме, практично покажавме како се одгледуваат, а потоа и како се обработуваат. Потоа, во нашите простории, каде што имаме апаратура, можеше да се види нивната преработка во дестилати и чаеви“, кажа Јордан Бајрактаров, координатор на проектот.

Проектот е регионален, а во него беа вклучени две сродни граѓански здруженија од Србија и БиХ од каде кажаа на кој начин членовите обезбедуваат економска независност. (Фото: СДК.МК)
Целта а на проектот беше да се промовираат активното учество и економското зајакнување на лицата со попреченост преку одгледување органски лековити билки и други еколошки одржливи активности. Проектот е регионален, а во него беа вклучени две сродни граѓански здруженија од Србија и БиХ. Нивните претставници кажаа на кој начин членовите обезбедуваат економска независност.
„Проектот е одличен. Лицата со попреченост заслужуваат да бидат работно ангажирани. Вклучивме лица со аутизам, бидејќи тие имаат проблем со затворен простор, а проектот одговара за работа на отворен простор. Ние работиме со овошје и зеленчук, кои ги откупуваме, а лицата со попреченост ги преработуваат во сокови и џемови, кои потоа ги продаваме. Имаме 12 вработени лица“, рече Радован Радуловиќ од здружението „Волја за живот“ од Велика Плана, Србија.
Гостите од Србија и БиХ учествувале со по 10 членови на обуката, додека домаќините со 30.
„Во нашето здружение во Сараево, членовите работеа со лаванда. Имаме површина и можност да ја одгледуваме. Таа лесно се одгледува, прекрасно мириса и одлично влијае врз членовите – лицата со попреченост. Нашите членови изработуваат и произведуваат сапуни, кои потоа ги откупува познатата словенечка фармацевтска фирма ‘Крка’, и така обезбедуваме приходи“, вели Лелја Хрељиќ-Вучиќ, координаторка на проектот од здружението „ОАЗА“ од Сараево, БиХ.
Беше промовиран и Прирачник за производство на органски билки, во кој се опфатени 20 лековити растенија и начини за нивно еколошко одгледување.
Проектот „Лица со попреченост одгледуваат органски лековити билки“ е финансиран од фондовите на ЕУ.
П. ПЕЧКОВ



