Судското рочиште во врска со барањето за поведување на стечајна постапка врз винарската визба „Повардарие” од Неготино е одложено. На лозарите кои денеска организирано отидоа пред велешкиот суд и мирно протестираа против стечај, но и тие што не заминаа, а имаат побарувања од винарницата на име откупено грозје, им олесна по ваквата одлука, бидејќи, како што велат лозаропроизводителите, евентуалната стечајна постапка врз винарницата ќе значи и запечатување на нивната судбина.
„Ова сепак не значи дека проблемот е решен. Ние се надеваме на изнаоѓање на решение кое ќе биде во наш интерес бидејќи голем дел на семејства од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во Македонија директно зависат токму од оваа винарска визба”, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК лидерот на лозарите Љупчо Аризанов.
И претставници на винаријата кои беа на мирниот протест, изразија задоволство од ваквата одлука на судот.
Винарската визба соработува со околу седум илјади лозари од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во Македонија. По покрената постапка од доверител на винарницата, чие побарување таа го оспорува на суд, судот денеска одлучува дали винаријата ќе влезе во стечајна постапка.