ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО НА ШТИПЈАНИТЕ КОИ ПРЕТЕПАА ДЕВОЈКА И СЕ СНИМАА, АДВОКАТОТ НЕМАЛ КОНТАКТ ОТИ ВО ПРИТВОР СЕ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА

    ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО НА ШТИПЈАНИТЕ КОИ ПРЕТЕПАА ДЕВОЈКА И СЕ СНИМАА, АДВОКАТОТ НЕМАЛ КОНТАКТ ОТИ ВО ПРИТВОР СЕ ВО САМОИЗОЛАЦИЈАОд самоизолација во притворското одделение на Кумановскиот затвор двајцата обвинети се однесени со затворското комбе во Основниот суд во Штип. (Фото: СДК.МК)

    На барање на адвокатот Валентин Зафиров од Велес, кој ќе ги застапува двајцата обвинети штипјани кои претепаа девојка и притоа се снимаа, Основниот суд во Штип го одложи судењето за вторник.

    „Ги застапувам двајцата обвинети затоа што во овој правен систем секој има право на одбрана и ова дело треба да се третира како секое друго кривично дело. Со обвинетите до денешното закажано судење не успеав да воспоставам контакт, затоа што Кумановскиот затвор каде тие издржуваат мерка притвор не ми дозволи средба поради пандемијата, а обвинетите биле во самоизолација“, вели адвокатот Зафиров.

    Штипскиот суд го прифати неговото барање за одлагање. Одбраната, како што изјави, се надева дека овој пат ќе успее да контактира со обвинетите уште во текот на утрешниот ден за да има време и можност да подготви одбрана за вторник.

    Oбвинетите С. А. (23) и П. Р. (26) се товарат затоа што пред три месеци брутално претапале 22-годишна девојка со која имале нерасчистени односи, целото насилничко дело го снимиле на мобилка и по извесно време го објавиле на социјалните мрежи. Судот претходно одреди мерка притвор од 7 дена, а потоа го продолжи за 30 дена.

    Законот предвидува казна од 6 месеци до 5 години.

    Повеќе штипски адвокати одбиле да ги застапуваат обвинетите, но адвокатот Зафиров од Велес најпрвин се согласил да застапува еден од обвинетите, а на денешниот почеток на судењето прифатил да го застапува и другиот обвинет за истото дело насилство.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира