Охридската полиција вчера на брегот во Пештани одзеде две вреќи полни со охридска пастрмка и 11 риболовни мрежи. Уловот тежел педесетина килограми, што е рекордна заплена од рибокрадци во последниве месеци.
„Вчера, при преземање мерки поврзани со незаконски риболов на Охридското Езеро, полициски службеници пронајдоа и одзедоа две вреќи со 52 парчиња уловена пастрмка, 11 риболовни мрежи и други риболовни алатки и прибор. Тие се предадени во Хидробиолошкиот завод Охрид, а СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите на казненото дело незаконски риболов, по што ќе поднесе соодветна пријава”, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
По неодамнешното раскинување на договорот со дотогашниот концесионер за рибниот фонд во Охридското Езеро, сега за него се грижат само СВР Охрид и езерската полиција.
Лани за првпат од 1988 година не беше спроведен риболов на охридска пастрмка за вештачки мрест, што од старо време се вршеше во периодот од 20 јануари до крајот на март.
Д. ЧУБРИЌ