ОДЗЕМЕНИ СИТЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ПАРНО НА БЕГ, ВЛАДАТА СЕГА ТРЕБА ДА ИЗБЕРЕ НОВ СНАБДУВАЧ СО ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА ЗА СКОПЈЕ

    ОДЗЕМЕНИ СИТЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ПАРНО НА БЕГ, ВЛАДАТА СЕГА ТРЕБА ДА ИЗБЕРЕ НОВ СНАБДУВАЧ СО ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА ЗА СКОПЈЕРегулаторната комисија за енергетика денеска ги одзеде и лиценците на БЕГ за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. (Фото: СДК/МК)

    Зимава, Балкан енерџи груп (БЕГ) нема да ги снабдува со парно греење домаќинствата во Скопје. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска ги одзеде лиценците на БЕГ за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Минатата недела беше одземена лиценцата за производство на топлинска енергија, што значи дека БЕГ веќе ќе нема никаква врска со парното греење во Скопје.

    „Согласно Законот за енергетика, со оглед на тоа дека станува збор за вршење на јавна дејност РКЕ ја известува Владата за овие одлуки, по што треба да се спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветни лиценци. Сè до завршувањето на процедурата БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство, дистрибуција и снабдување на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата“, велат од Регулторната комисија.

    Претседателот на БЕГ Марко Бислимоски на почетокот на јуни, кога најави дека е почната постапка за одземање на лиценците на БЕГ, кажа дека  со оваа дејност во иднина треба  да управува Градот или државата, односно да не се дава на приватни фирми како досега.

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека Градот нема можностите да ја преземе оваа дејност туку тоа треба да го направи централната власт. По ова, министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека Аросвска е неспособна штом ги остава скопјани без греење и најави дека Владата ќе најде начин за преземање на оваа дејност.

    За разлика од Арсовска која смета дека Град Скопје не може да ги грее скопјани, нејзиниот претходник Петре Шилегов од почетокот на мандатот бараше Градот да ја преземе топловодната мрежа и заради тоа беше формирано и јавно претпријатие за енергетика „Градски енергетски системи“, но тоа не се случи. Најпрво проблем беше тоа што мрежата била дивоградба, па се чекаше да заврши процесот на нејзина легализација, а потоа работите се одложија поради коронакризата и изборите, на кои Шилегов беше поразен од Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира