Одземените крави од подрачјето на Општина Крива Паланка во почетната фаза ќе бидат сместени во затворите во Идризово и Прилеп, предвидува акцискиот план за отстранување на добитокот во Крива Паланка усвоен на последната седница на Владата. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека денеска започнала оперативната реализација на планот, а на состанокот на Координативниот штаб биле утврдени конкретните активности и задолженија на институциите вклучени во процесот.
„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
На последниот протест одржан на 21 ноември, жителите од Крива Паланка и околните села побараа безбедност, заштита на имотот и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано шетаат низ градот и предизвикуваат сериозни штети.
Владата ѝ наложи на Агенцијата за храна и ветеринарство да врши заловување и одземање на говедата и да биде носител на оперативните активности, а Агенцијата за управување со одземен имот да биде задолжена за преземање, транспорт, сместување и згрижување на одземените говеда. Министерството за внатрешни работи ќе биде задолжено за полициска асистенција и теренски активности, Центарот за управување со кризи за оперативна координација, Дирекцијата за заштита и спасување за обезбедување на неопходната логистичка, техничка и кадровска поддршка, а Бирото за процена треба да ја утврди вредноста на одземените говеда.
Како следен чекор е предвидено мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот, за да се утврдат неговата бројност, распространетоста и пристапноста на теренот. За згрижувањето и понатамошното располагање со одземениот добиток, во почетната фаза е предвидено животните да бидат примопредадени на Казнено-поправните домови Идризово и Прилеп, а разгледана била и можноста во текот на процесот и во согласност со законските прописи, дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
Во реализацијата на Акцискиот план за справување со добитокот во Крива Паланка се вклучени седум државни институции меѓу кои две министерства, две агенции, една дирекција, еден центар и едно биро. Поточно, ангажирани се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.
На 25 ноември, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, објави дека протестите се ставаат во мирување откако Владата донесе одлука со која се утврдуваат конкретните задолженија на надлежните државни институции за решавање на долгогодишниот проблем со говеда на територијата на Општината.
Истражувањето на БИРН од декември 2025 откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Сепак, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е сопственик на добитокот само во документацијата, додека на терен ситуацијата е непроменета и кравите и понатаму лутаат без надзор низ планинските предели, често преминувајќи ја и државната граница. Целиот случај е следен со низа неуспешни правни постапки. Полициска пријава од 2018 година открила мрежа на соработници, вклучувајќи ветеринари и државни контролори, кои му овозможиле на сопственикот незаконски да подигне субвенции во износ од 70.000 евра. Иако случајот бил препратен до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, истрага не била отворена со години. По измените на Кривичниот законик во 2023 година, делото за Злоупотреба на службената положба застарело, а предметот бил вратен во обвинителството во Куманово.
На 25 ноември, Обвинителството во Крива Паланка почна постапка по кривична пријава против таткото и двете ќерки, осомничени за тешка телесна повреда на 67-годишна жена. Инцидентот се случил на 21 ноември по расправија околу кравите кои шетаат во градот при што жената била влечена од тројцата, па паднала и го скршила зглобот. Според податоците од МВР, за семејството во Крива Паланка биле евидентирани вкупно 104 пријави.



