ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ЌЕ ГО РЕСТАВРИРА ВЕВЧАНСКАТА ФИРМА „ВИА“

    ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ЌЕ ГО РЕСТАВРИРА ВЕВЧАНСКАТА ФИРМА „ВИА“На таблата поставена пред Офицерскиот дом пишува дека се реконструира со финансиска поддршка од ЕУ. Вкупниот износ е 30,995,736 денари. (Фото: СДК.МК)

    Фирмата „ВИА“ ДОО од Вевчани ќе ја изведува реставрацијата на архитектонскиот бисер на Широк Сокак, Офицерскиот дом. Во Централниот регистар како сопственик на фирмата се води Марица Угриновска, а не како што се шпекулираше на социјалните мрежи дека тоа бил Крсто Мукоски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ која на 27 април 2017 година ги отвори вратите да влезе толпата во Собрание, а потоа гласаше за отпочнување на процесот за уставни измени. И на договорот за реставрација потпишан е Ѓорги Угриновски, кој во Централниот регистар е заведен како едно од овластените лица во фирмата.

    Координаторот на советниците од локалното мнозинство предводено од СДСМ Методија Илиевски, на денешната седница информациите дека Муковски ќе го обновува Офицерски ги оцени како дезинформации.

    „Офицерскиот дом кој беше рак рана на Битола, беше руиниран со години, од пред десетина дена започна реконструкцијата. За душегрижниците кои сакаат да бидат интересни во јавноста, а погрешни им се информациите, треба да знаат дека избран изведувач на Офицерскиот дом е фирмата ДОО ’ВИА‘ од Вевчани, таа не е фирма на Крсто Муковски, негова фирма е фирмата ’Атриум‘, така да погрешни информации се пласираат во јавноста“, рече Илиевски.

    Инаку, Општина Битола не го распишуваше, нити одлучуваше по тендерот за извор на изведувач. Постапката се одвиваше преку Единицата за спроведување на проектот за локална и регионална конкурентост.

    Вевчанските мајстори веќе неколку дена се во Офицерскиот дом. Го оградуваат со тараби за да се обезбедат услови за градежниот зафат, го исчистија ѓубрето од внатре и ги откорнаа старите и руинирани штици од подот. Велат дека ќе продолжат со реконструкцијата и дека ќе биде сѐ средено од дограмата до фасадата.

    На таблата поставена пред Офицерскиот дом пишува дека се реконструира со финансиска поддршка од ЕУ. Вкупниот износ е 30,995,736 денари, а изведувач е фирмата „ВИА“ ДОО од Вевчани, надзорот ќе го вршат фирми од Скопје.

    Офицерскиот дом датира од почетокот на 20 век. Поради своите архитектонски вредности е наречен уште и битолски Версај. И покрај тоа што е споменик од прва категорија, долги години е запуштен и руиниран. Додека во Скопје за милионски суми се градеа објекти од проектот „Скопје 2014“, за вистинското културно богатство на Битола, каков што е Офицерскиот дом, немаше пари. Владата на ВМРО-ДПМНЕ објави оглас за негова продажба по почетна цена од 900.000 евра. Но, битолчани излегоа на протест и тогашниот премиер Никола Груевски ја стопираше продажбата, а објектот го пренесе во надлежност на Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира