Од 330 до 4.130 денари плаќале општините за заловување кучиња, транспорт до прифатилиште и враќање на улица. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена што ја плаќале за оваа услуга изнесува 1:12,5, што значи дека највисоката цена, која за оваа услуга ја платила Општина Демир Капија, е за 12,5 пати повисока од цената платена од Општина Росоман. Ова го покажува Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до јуни 2023 година на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Можноста договорите да се склучат со вака огромни разлики во цените говори дека не е направено претходно истражување на пазарот кое би можело да доведе до реална проценка на комисиите за јавни набавки која цена е нереално ниска, а која е нереално висока во однос на пазарните.
„Како што може да се види од индексот на рационалност, просечната цена за заловување кучиња, транспорт до прифатилиште или амбуланта и враќање во реонот изнесува 1.628 денари за куче. Притоа, произлегува дека девет институции за услугата платиле цени кои се пониски од просечната, а осум натпросечно високи цени“, стои во Извештајот.
За услугата за еднодневен престој на кучиња во прифатилиште, општините плаќале од 236 до 1.770 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена со која се склучени договорите за оваа услуга изнесува 1 : 7,5 што значи дека највисоката цена, која за оваа услуга ја платила Општина Македонски Брод, е за 650 % повисока од цената која ја плаќала Општина Свети Николе.
Како што може да се види од индексот на рационалност, просечната цена за еднодневен престој на куче во прифатилиште изнесува 515 денари, што е на ниво на пазарната цена. Притоа произлегува дека шеснаесет институции за услугата платиле цени кои се пониски од просечната и се движеле од 236 до 500 денари, а пет – натпросечно високи цени, кои се движеле од 590 до 1.770 денари.
Услугата за лабораториско испитување за едно куче општините ја плаќале од 530 до 2.124 денари. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена со која се склучени договорите за оваа услуга изнесува 1 : 4, што значи дека највисоката цена, која за оваа услуга ја платила Општина Делчево, е за 300 % повисока од цената која ја плаќала Општина Свети Николе.