ОХРИД И СТРУГА ПРЕПОЛНИ, НЕМА СЛОБОДНА СОБА ВО НАРЕДНИТЕ ДЕСЕТ ДЕНА

    ОХРИД И СТРУГА ПРЕПОЛНИ, НЕМА СЛОБОДНА СОБА ВО НАРЕДНИТЕ ДЕСЕТ ДЕНАОд странските гости, најмногу има Холанѓани и Полјаци (Фото: СДК.МК)

    Охрид и Струга се преполни за илинденските празници. Хотелските и приватните сместувачки капацитети се исполнети до последно место, најмногу со домашни гости, но има и странски туристи од соседството, како и Холанѓани и Полјаци. Од Хотелската асоцијација (ХОТАМ) велат дека во наредните десет дена нема слободна соба за резервација.

    „Во Охрид и Струга е полно до 10 август. Во моментот има и домашни и странски гости. Холанѓаните и Полјаците до максимум ги исполнуваат договорите, но и над договореното закупуваат“, вели Крсте Блажевски, претседателот на ХОТАМ.

    Приватните станоиздавачи велат дека секоја година во овој период нема ниедна слободна соба за издавање оти тогаш се одржувале и разни концерти.

    „За периодот од 28 јули до 15 август имавме направено резервации уште пред еден месец. Најчесто доаѓаат млади, кои одат на концерти во тој период“, вели Весна Блажеска, приватна станоиздавачка.

    Раздвиженост и гужва има по чаршијата, кафулињата и плажите, со што се врати сликата од пред две години кога овие туристички центри беа едни од најпривлечните за одмор.

    „Состојбата е како во добрите времиња. Почнавме нормално да функционираме“, велат угостителите.

    Поради големите гужви ќе бидат засилени и полициските контроли. Од полицијата апелираат возачите да бидат внимателни, особено при доаѓањето кон Охрид и Струга, оти патниот правец од Кичево сè уште е во изградба.

    „Не само кон туристичките локалитети, туку и во централното градско подрачје и на периферијата ќе бидат поставени засилени сообраќајни пунктови, со цел сообраќајната стабилност и редот во сообраќајот да бидат на едно исклучително ниво“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира