Локалната самоуправа на Охрид има намера да го претвори Студенчишко блато во природен музеј на отворено. „Белите дробови“ на Охридското Езеро, кадешто тоа се плакнеше, изминативе години беше нападнато со бетон, при што беше изградена патека која ја прекина врската меѓу езерската вода и блатото.
Новата локална власт, под притисок на екологистите, реши да стави крај на девастацијата на овој природен резерват.
„Ние како локална самоуправа сме свесни дека Студенчишко блато треба и ќе биде музеј на отворено, место за интеракција со природата, пример за правилно зачуван екосистем и пример за хармонија помеѓу човекот и природата. Охрид и Охридското Езеро се на листата на УНЕСКО. Тоа е голема чест, но и голема обврска, бидејќи треба да се обезбеди заштита на тоа богатство и воедно да се креира одржлив локален економски развој во градот и во неговото пошироко подрачје. Уверени сме дека заедно со домашната и меѓународната стручна јавност и со граѓанскиот сектор, во рамките на законски определените обврски, ќе успееме да креираме и имплементираме модел на заштита и валорицација на овој редок екосистем. Има огромен број на предлози и идеи за уредување на просторот на Студенчишко блато без негова деградација и за креирање на нов автентичен и атрактивен туристички производ”, вели градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.
Пред десетина години, од Хидробиолошкиот завод потекна идеја кај блатото да се изгради голем аквариум, во којшто би се прикажале флората и фауната на Охридското Езеро, но таа идеја не заживеа досега.
Д. ЧУБРИЌ