Илјадници домашни гости го наполнија приватното сместување и викенд становите во Охрид за велигденските и првомајските празници, но и помалите хотели се пофалија со резервации. Полните тераси на кафулињата, раздвижената чаршија и гужвата на кејот ја вратија сликата на туристички центар, но тоа не ги задоволи очекувањата на хотелиерите.
Без организирани тури, во сопствена режија допатуваа само мал број странските туристи претежно од Србија и Црна Гора, па големите хотели останаа празни.
„Интересот е слаб. Има мал број резервации, некаде околу 20 проценти, но не е тоа што било други години. Најголем дел од гостите се домашни туристи и многу мал процент од Србија“, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.
Во раздвижениот Охрид забележливо е дека нема строго почитување на мерките за заштита од коронавирус, малкумина носат маски, а и дистанцата не се одржува. Споед последните податоци од Министерството за здравство, во Охрид има 464 активни болни од ковид-19, а вчера имаше 9 нови.
Угостителите задовoлни што после долго време ги примија првите гости. Велат дека се радуваат на домашните но ги посакуваат странските туристи кои поради ковид пандемијата повеќе од една година ги нема на охридско-струшката ривиера.
„Состојбата е далеку од посакуваната, но ако се земе предвид дека долго време бевме затворени тогаш можам да кажам дека сме задоволни. Паметиме далеку подобри времиња за првомајските празници. Со години работиме со гости од надвор кои уживаат во нашата кујна. Единствен излез ни е што побрзо да помине пандемијата и да почнеме нормално да функционираме, вели сопственикот на ресторанот ‘Томато’, Зоран Рилковски.
Бродарите и кајчарите највеќе му се израдуваа на сончевото време. Велат дека се среќни што после долго време направиле неколку прошетки со туристи кои сакале да уживаат во убавините на градот од вода.
Соседна Струга за продолжениот празничен викенд остана со далеку помал број туристи за разлика од Охрид. Ваквиот тренд се забележува со години. Официјалните податоци од Државниот завод за статистика за туристичките движења во двете населени места говорат дека Охрид е далеку повеќе посетуван од Струга.
„И низ годините секогаш бил помал интересот за Струга, тоа не значи дека промоцијата не е толку фокусирана на Струга, но кога имаме две волуменски дестинации една до друга секогаш едната ќе биде помалку посетувана во однос на другата. Фокусот е ставен на Охрид и може да заклучиме дека најголемата концентрација на туристи токму е во Охрид и покрај тоа што Струга ни е многу блиска“ , вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Според него, Охрид го држи приматот и кај домашните гости што се потврдува и за овој продолжен првомајско-велигденски викенд. Овие празници во туризмот секогаш се сметале како репер за тоа каква сезона се очекува на брегот на Охридското Езеро.
„И ова лето ќе работиме со домашни гости, се надевам дека и туристите од земјите околу нас ќе нè посетат. Нема да биде како претходните години, бидејќи со два месеца туристичкиот сектор не може да преживее. Охрид пулсираше 12 месеци, ние ги имавме гостите од април до крај на октомври, Холанѓани, Полјаци, Израелци. Сега тоа го немаме, ограничени сме со тоа што сме небезбедна држава особено за странските гости“, вели Филип Стефаноски туристички работник од Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА