ОХРИД ПРЕДЛАГА ПАУШАЛНА НАПЛАТА НА ТУРИСТИЧКАТА ТАКСА ЗА ХОТЕЛИЕРИТЕ И СТАНОИЗДАВАЧИТЕ ЗА ДВОЈНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРИХОДИТЕ

    ОХРИД ПРЕДЛАГА ПАУШАЛНА НАПЛАТА НА ТУРИСТИЧКАТА ТАКСА ЗА ХОТЕЛИЕРИТЕ И СТАНОИЗДАВАЧИТЕ ЗА  ДВОЈНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРИХОДИТЕПредлогот предвидува паушалното плаќање да биде согласно просечната исполнетост во годината (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид ќе предложи паушална наплата на туристичката такса како новина во прибирањето средства од приватните станоиздавачи и хотелиерите. Годишниот паушал ќе се пресметува според бројот на легла и просечната исполнетост во годината, а за ваквиот начин на наплата потребно е да се направат и законски измени, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пацаков.

    Во моментов, тоа е само идеја, потребно е време. Нема да се однесува само на Охрид, туку би било на ниво на Македонија. Потребна е интервенција во закон, односно измена. Ние ќе го подготвиме законското решение и во разговор со Владата, дали преку ЗЕЛС или како Општина Охрид, ќе пробаме да стигнеме до едно заедничко решение за паушална наплата на туристичката такса“, вели Пецаков.

    Според него, се предвидува паушалното плаќање да биде согласно просечната исполнетост во годината. Со тоа, секој совет во општините одделно ќе може да одлучува за просечната исполнетост.

    Во Охрид, на пример, би имало 70 дена просечна исполнетост, а според статистиката, има над 30.000 регистрирани кревети. На тој начин би се собрале над два милиона и 100.000 евра, а ние досега немаме надминато над 600.000 евра приход. Реално е дека постои 70 дена просечна исполнетост, и во хотелскиот и во приватниот дел. Тоа ќе претставува многу поголем приход за самата Општина, а и луѓето нема да имаат обврска да плаќаат врз основа на она што тие го прибавуваат, туку врз основа на просечна исполнетост одредена од Советот на Општина Охрид“, појаснува Пецаков.

    Двајца инспектори за туризам не се доволни за да се избегне неплаќањето и кај регистрираните и кај оние кои работат на црно. Пецаков вели дека е потребно со измени во Законот за привремен престој да се воведе и комунална полиција. Ваков модифициран начин на наплата на туристичка такса има во Словенија и Хрватска.

    Приходот од туристичката такса на ниво на Општина Охрид бележи зголемување изминативе три години, а тоа се должи на зголемениот број туристи. Општината со организација на бројни културни и спортски манифестации успеа да ја продолжи сезоната, со што се привлекува поголем број туристи надвор од шпицот на сезоната, а голем број од нив се странци.

    Туристичкиот промет во 2023 е 20.221.832 денари, додека во 2022 беше 17.498.585 денари, велат од Општина Охрид. Во првите седум месеци од годинава кај хотелиерите има зголемување од 11% во однос на истиот периот лани, а кај приватните станоиздавачи зголемувањето е 6%.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира