ОХРИД СТАНУВА РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ГРИЖА НА ЛИЦА СО АУТИЗАМ

    ОХРИД СТАНУВА РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ГРИЖА НА ЛИЦА СО АУТИЗАМЦентарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција на возрасни лица со аутизам е сместен во рамките на болницата „Св. Еразмо“ (Фото: СДК.МК)

    Со вчерашното отворање на Центарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција на возрасни лица со аутизам во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, како и со најавеното отворање на ист ваков центар наменет за ран третман на деца со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром во охридската Општа болница, Охрид станува регионален центар за грижа на лица со аутизам, соопштија од локалната самоуправа.

    „Во рамките на своите определби и заложби да креираме општество кое нуди еднакви можности за сите, Општина Охрид ги поддржува ваквите проекти и во рамките на своите ингеренции секогаш застанува зад нив. Со отворањето на овој Центар, покажуваме дека има постепено поместување во перцепцијата и ослободување од предрасудите за лицата со посебни потреби. Важно е да се сфати дека создавањето на амбиент во кој лицата со аутизам ќе имаат подобар живот не е привилегија за нив”, изјави градоначалникот Константин Георгиески.

    На отворањето на Центарот присуствуваа заменик министерот за здравство Армент Арслани, чешкиот амбасадор во земјава Мирослав Томан и претставници на Стопанска комора на Македонија. Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“ и е поддржан од Министерството за здравство, кое ги отстапи просториите за сместување на Центарот во болницата „Св. Еразмо“. Реконструкцијата и опремувањето на просторот се финансирани од амбасадите на Бугарија и Чешка.

    Центрите ќе ги опслужува високопрофесионален тим составен од специјални едукатори, рехабилитатори, логопеди и семејни и клинички психолози. Освен третманите на лицата со аутизам, ќе се спроведува и едукација на семејствата.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира