ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА СЕ ПОЛНИ СО БОЛНИ ОД КОВИД-19, НАД 50 ТЕСТОВИ ДНЕВНО СЕ ПРАВАТ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА СЕ ПОЛНИ СО БОЛНИ ОД КОВИД-19, НАД 50 ТЕСТОВИ ДНЕВНО СЕ ПРАВАТ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕНа Инфективното одделение, на дел од Интерното одделение и Геријатрија во Охридската болница има 60 пациенти позитивни на ковид-19 на возраст од 50 до 84 години, од кои 14 се на кислородна поддршка. (Фото: СДК.МК)

    Последните две недели зголемен е бројот на охриѓани кои доаѓаат во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) за тестирање преку матичните лекари, но и имало и лица кои самоиницијативно барале да проверат дали се заболени од ковид-19. Се прават 50-тина тестови дневно. Според директорот на ЦЈЗ Сашо Точко, состојбата во Охрид, како и во целата држава, е загрижувачка бидејќи бројката на заболени секојдневно се зголемува.

    „Сето тоа се должи на непочитување на препораките од одредени луѓе кои што не можат да разберат дека вирусот се наоѓа во локална трансмисија, насекаде е присутен, нема веќе контакти, нема веќе кластери и секој може да се зарази. Затоа е потребна голема сериозност и одговорност од секој поединец да се заштити себеси, да ја носи заштитната маска, да одржува дистанца, да избегнува групирање, да не присуствува на некои јавни собири и да врши дезинфекција на раце. Секој може да биде преносител, а најчесто преносители се оние кои не ги почитуваат овие мерки“, вели Точко.

    На Инфективното одделение, на дел од Интерното одделение и Геријатрија во Охридската болница има 60 пациенти позитивни на ковид-19 на возраст од 50 до 84 години. Од нив, 14 пациенти се на кислородна поддршка. Одделот за Хирургија се користи за сместување сомнителни случаи. Ако расте бројот на заразени, ќе се ослободува болнички простор и на останатите одделенија во болницата.

    „Имаме доволно кревети. Засега состојбата е стабилна. Во лекувањето е вклучен целиот медицински персонал, лекари, интернисти, инфектолози… Правиме ротација на комплетниот персонал“, вели директорот на Охридската болница Горан Балевски.

    Вкупно ковид дијагностицирани во Охрид од почетокот на епидемијата се 736, а активни се 258. Според најновата статистика на Институтот за јавно здравје, вчера имаше 3 нови позитивни и 11 оздравени, а еден пациент на возраст од 51 година викендов почина, со што досега во Охрид има 25 починати од ковид-19.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира