Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација „Свети Стефан“ во Охрид ќе добие енергетска ефикасност, дигитализација и современ ехокардиографски апарат преку проектот од околу 395 илјади евра од Министерството за локална самоуправа, Центарот за развој на Југозападниот плански регион и Швајцарската амбасада. Целта е подобрување на здравствените услуги и подобри услови за развој на здравствениот туризам.
Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов, кажа дека во рамки на овој проект ќе се набави нова опрема за ултразвучна ехо дијагностика а ќе се воведе и нов информациски систем.
„Оваа здравствена установа претставува респектабилен регионален кардиолошки центар во кој се лекуваат и рехабилитираат пациенти не само од Југозападниот плански регион туку и од целата држава. Поради тоа функционирањето на оваа установа е важно како за жителите од овој регион, така и за целата државата. Кардиологија Охрид е важен дел од здравствениот систем во државата и претставува втор по важност Центар за интервентна кардиологија во земјата, после Клиниката за кардиологија во Скопје“, рече Парталов.
Според директорката на установата, д-р Елена Коваческа-Башуроска ова е проект со визија за подобрување на здравствените услуги во болницата која е со идеална локација, посебно во делот на кардиоваскуларна рехабилитација како единствена дејност во државата.
„Установата ќе добие софтверско решение кое ќе го покрива работењето на установата, како од медицински, така и од административен карактер што ќе значи унапредување и подобрување на квалитет на услуги, намалување на времето на чекање на пациентите, брза и прецизна меѓусебна комуникација на медицинскиот персонал, квалитетно складирање на податоците и нивно следење по електронски пат. Исто така, ова ќе овозможи и темелна и ефикасна статистичка обработка на податоци, креирање на регистри и заклучоци за чекори кон подобрување на кардиоваскуларното здравје на нашите пациенти и ќе отвори можност за побогата научна дејност во установата. Во делот на медицинска опрема ќе се обезбеди современ апарат за ехокардиографија метода која е неопходна во секојдневната клиничка пракса. Можностите кои ќе ги нуди овој апарат ќе овозможат најсофистицирана дијагностика на најкомплексните кардиоваскуларни состојби“, рече д-р Коваческа-Башуроска .
Реконструктивните зафати кои се предвидени во рамки на проектот ќе овозможат подигнување на нивото на услугите за пациентите, но и развој на здравствениот туризам, најави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
„Сето ова ќе придонесе и во насока на подобрување на условите за развој на здравствен туризам, привлекување на што поголем број странски пациенти и промоција на специјалната болница во соседните земји и пошироко. Климатските погодности на Охридското крајбрежје се вистински благодет за здравјето на луѓето и затоа нашиот регион е идеален за развој на здравствен туризам, но сепак неопходен е поголем ангажман и истовремено заедничко делување од сите страни. Потребна е и поголема соработка со туристичкиот сектор за поголема промоција на расположливите потенцијали и привлекување на странски пациенти“, рече Пецаков.
Со оваа инвестиција се очекува бројот на пациенти во Болницата „Свети Стефан“ да се зголеми за околу 500 на годишно ниво.
С. ВРЕНЦОВСКА