ОХРИДСКИ ГАЗДИ ПРЕКУ НОЌ ГИ ПОКАЧУВААТ ЦЕНИТЕ НА АПАРТМАНИТЕ УПЛАТЕНИ НА БУКИНГ ОТИ ИМА МНОГУ ГОСТИ

    ОХРИДСКИ ГАЗДИ ПРЕКУ НОЌ ГИ ПОКАЧУВААТ ЦЕНИТЕ НА АПАРТМАНИТЕ УПЛАТЕНИ НА БУКИНГ ОТИ ИМА МНОГУ ГОСТИВо јули и август, се случува станоиздавачите да не се држат до ветените цени, сакаат да ги покачат цените веднаш, но тоа не смее да биде така, вели Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески. (Фото: СДК.МК)

    Дел од гостите кои го испланирале одморот во Охрид и резервирале сместувањe онлајн преку Букинг реагираат дека газдите на апартманите им ја покачиле цената речиси за дупло на ден-два пред пристигнување. Оправдание за покачувањето им се наводни засилени протоколи за заштита од ковид-19.

    „Почитувани, поради новата политика на Букинг и нашата вила, како и засилените протоколи поврзани со ковид-19 ве известуваме дека цената на Вашиот апартман наместо 30 изнесува 50 евра по ноќевање за две лица. Ве молиме Вашето присуство, односно резервација со новите тарифи да ги потврдите најдоцна до утре“, е пораката што ја добила скопјанка на два дена пред тргнување во Охрид.

    Други пак се жалат дека биле изманипулирани и дека не им се почитувани резервациите.

    „Резервиравме апартман преку Букинг 15 дена пред да одиме на одмор во Охрид. Кога пристигнавме апартманот беше издаден. Охрид беше преполн со гости, не успеавме да најдеме соба и моравме да се вратиме назад во Скопје. За среќа, од Букинг ни ги вратија парите“, вели млад брачен пар од Скопје.

    Четворица млади скопјани велат дека за продолжениот празничен викенд барале соба за двајца.

    „Едвај најдовме во Рача но кога им кажавме дека сме за два вечери не не примија“, велат тие.

    Многумина од измамените туристи велат дека ќе пријават и во Букинг и во Пазарната инспекција, оти се сомневаат дека поради тоа што Охрид е полн, некои од газдите кои издаваат сместување ловат во матно и намерно ја зголемуваат цената за да ќарат повеќе.

    Сопственичка на вила која ненадејно ги покачила цените вели дека тоа се случило поради зголемената провизија која им ја наплатува Букинг. Сепак, и таа нема јасно објаснување каква врска имаат ковид протоколите со зголемувањето на цената туку инсистира дека едноставно мора да има поскапување оти претходната цена била многу ниска.

    Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески вели дека успешноста на туристичката сезона не зависи само од бројот на гости туку и од тоа колку се тие задоволни од нивниот престој тука. Преку Букинг, додава Блажески, има опција ако се случи некоја неправилност да се исплаќа разликата во цена на гостинот. Објектот, пак, кој излегува надвор од правилата треба да биде исклучен од понудата на Букинг.

    „Во време кога има голем број гости во Охрид и Струга, претежно во јули и август, се случува станоиздавачите да не се држат до ветените цени, сакаат да ги покачат цените веднаш, но тоа не смее да биде така. Ако е на Букинг цената од 30 евра, а на гостинот му се побара повисока цена, не е дозволено. Има процедура каде самиот Букинг го исклучува таквиот клиент кој прави злонамерни грешки и повеќе тој објект нема да постои во букинг“, објаснува Блажески.

    Според него, ваквите пропусти влијаат врз квалитетот на туристичката понуда.

    „Стануваме лоша, недомаќинска дестинација. Не стоиме на зборот кој сме го дале. Се надевам тоа не се случува во хотелите, барем не сме слушнале некоја поплака, но има регулатива за сето тоа и секој од тие гости треба да е задоволен и обештетен доколку има направено резервација преку Букинг. Исто така, Букинг треба да го обештети гостинот ако апартманот кој го резервирал му е издаден на друг“, вели Блажески.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира