Охридскиот чинар стар околу 11 века деновиве беше пак оштетен, при што настрадаа горни гранки. Увид изврши државниот инспектор за природа Хасан Рустеми.
„Рустеми е запознат со повторениот јавен оглас за санација и ревитализација на чинарот, што Одделението за заштита и влијание на животната средина го распиша вчера. Потсетуваме дека со неговата годишна програма се предвидени средства за целосна санација и ревитализација на чинарот, со која на најсоодветен начин ќе биде заштитен еден од симболите на Охрид”, соопштија од локалната самоуправа.
Невладини организации и претставници на надлежните институции, иако неофицијално, предлагаат да се засади ново дрво на истото место, бидејќи чинарот е многу стар, а санациите не ги даваат очекуваните ефекти. Предлог е за нов насад да се искористи некоја од сѐ уште виталните гранки.
Чинарот во изминатите години поради старост и временски неприлики претрпи неколку потешки оштетувања, еднаш дури и се расцепи.
Д. ЧУБРИЌ