Екипа од осум пожарникари од Охрид, специјално обучени за делување при елементарни непогоди, заминува во спасувачка мисија во Турција за да им помогне на граѓаните во настраданите подрачја од разорниот земјотрес. Командирот Борко Јанкулоски вели дека се спремни да одговорат на задачата.
„Петмина од нив се пожарникари, тројца се возачи и сите заеднички се подготвени. Ќе помагаат во извлекување на жртвите. Веќе добивме и техничка опрема која е специјално наменета за такви непогоди. Моментално имаме тим кој е во фаза на оспособување токму за такви интервенции и можат да одговорат на задачата“, вели Јанкулоски.
Во меѓувреме, охриѓани спроведуваат хуманитарна акција за собирање топла облека, ќебиња, храна, обувки и хигиенски средства за настраданите во земјотресот. Општина Охрид ќе донира 10.000 евра за погодените подрачја во Турција и Сирија.
„Издвоивме средства од ставката на Советот на Општина Охрид во износ од 300 илјади денари за Република Турција и 300 илјади денари за Република Сирија. Се надевам во консултација со другите институции кои може да помогнат и во делот со луѓе кои може да излезат во пресрет, ќе ги исконтактираме и ќе смогнеме сили да имаме и дополнителна помош“, вели претседателот на Советот, Сашо Донев.
Непознат број луѓе останува заробен под урнатините на широко подрачје од стотици километри во Турција и Сирија, а спасувачите се во трка со времето да стигнат до нив. Бројот на жртвите драматично расте од час во час и досега е потврдено дека загинале 11.300 луѓе во двете земји.
С. ВРЕНЦОВСКА