Охридското пристаниште изградено во 1936 е претесно да ги собере бродовите кои пловат во Охридското Езеро. Бродарите велат дека ако пред 90 години се градело пристаниште за еден – два брода сега на истото тоа треба да се паркираат шест кои активно пловат, се занимаваат со туризам и обавуваат дејност, а уште три брода се најавуваат дека ќе запловат во блиска иднина.
„Моментално тука на пристаништето на две позиции кои најчесто ги користиме за утовар и истовар на патниците се врзуваме два до три брода константно. Тоа значи ако вие сакате да донесете некое повозрасно лице да плови ќе треба преку три брода да го префрлите за да стигне на бродот којшто треба да исплови. Притоа да не ги споменуваме еколошките импликации оти маневрите на бродовите се зголемуваат. Многу е поеколошки чисто ако бродот си стои во место, а не цело време да се преместува од едно место на друго и напред и назад, а ние сме во постојана состојба на преместување на бродовите за да им олесниме на патниците и безбедносно да ја обавиме подобро работата“, вели Петар Гилевски, капетан на бродот „Александрија“.
Патниците, посебно странците често реагирале на ваквите состојби, посебно оние кои придружувале лице со инвалидитет.
„Замислите лице со инвалидитет да дојде и вие да го префрлате преку три брода, замислите каква драма е тоа“, кажува Гилевски.
Според него мора да се подобрат условите оти со години не е инвестирано во инфаструктурата. Тековните активности како продлабочување на дното на езерото овозможува безбедносно пристапување и испловување на пристаништето, но мора да се подобри езерската инфраструктура за да се создадат подобри услови во внатрешната пловидба.
„Постоиме како фирма од 2003 и веќе 22 години сме активно вклучени, но оттогаш до сега нема некој напредок од страна на државата во однос на инвестиции во поглед на инфраструктура, ниту тука на главното пристаниште, ниту на другите места каде застануваат бродовите. За среќа наша во последните 15 години туризмот активно расте во Охрид, се менува структурата на гостите, доаѓаат повеќе странци и едноставно станува Охрид познато место во светски рамки, но за жал на сметка на тоа, на целиот раст на тој туризам ние немаме развој од наша страна за да го пратиме тој развој на туризмот. Доаѓаат повеќе гости, а нашата понуда останува иста“, вели Гилевски.
За охридската бродска флота претесно е и пристаништето во Свети Наум каде има капацитет за два брода, а секојдневно одат барем по четири брода. Малиот простор за пристанување и маневрирање ја загрозува безбедноста на пловилата и патниците. Бродарите сметаат дека е крајно време за реконструкција и проширување на пристаништето, како и за изградба на марина на друга локација.
„Еден брод влегува па мора да излезе за да направи место за другиот. Не можеме едноставно да пристанеме на безбедно место, а за да се реши тоа треба да се направи долго најавуваната марина“, велат бродарите.
Според нив мора да се создаваат и услови за безбедна пловидба оти од година во година расте бројот на пловни објекти во Охридското Езеро.
За бродовите технички преглед врши признато класификациско друштво за бродови „Биро Веритас“ кое е надлежно за потврдување на способноста на бродовите во внатрешната пловидба. Исто така редовна контрола на бродовите врши инспекторот за внатрешна пловидба при Капетанија на пристаништата во делот на сигурноста на бродот како хидрантската мрежа, ПП Апарати, машинскиот дел на бродот, навигациската опрема и бродските исправи и книги.
Од Капетанијата на пристаништата на Македонија велат дека бројот на пловила во Охридското Езеро е околу 300-400 и истата брјка варира, за време на викенди е зголемена, а во сезоната доаѓаат и туристи од соседните држави со свои чамци и земаат дозволи за привремена пловидба. И бројката на овие пловила варира од 20-30 во текот на годината.
Капетанијата во моментов располага со еден инспектор за внатрешна пловидба, а контролите ги реализираат заедно со Езерската полиција.
Од почетокот на сезоната до денес направени се вкупно 53 инспекциски надзори, а констатирани се 37 прекршоци.
„Во овој период зголемен е обемот на инспекциски надзор во соработка со Езерската полиција и сакам да апелирам до сите учесници во внатрешната пловидба навремено да си ги извршуваат обврските за регистрација на пловните објекти и да се придржуваат до правилата и мерките за безбедна пловидба. Исто така сакам да напоменам дека од 1 јули стапи на сила забраната за пловните објекти – скутери од 11.00 часот до 19.00 часот и трае до 31 август, а за останатите пловни објекти кои не се регистрирани за вршење на превоз на патници забраната започнува од 21.00 часот до 05.00 часот и трае до 31 август“, вели Илија Арнаудоски, Капетан на Капетанијата на пристаништата на Македонија.
Претходно само во една спроведена акција изречени беа четиринаесет прекршоци од Законот за внатрешна пловидба при извршени контроли од страна на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ по разни основи. Кај 3 лица беше контатирано дека биле под дејство на алкохол.
„Полициските службеници кај 7 лица констатираа 14 прекршоци од Законот за внатрешна пловидба, алкотестираа вкупно 13 лица и кај 3 лица констатираа присуство на алкохол во организмот. По целосно документирање на настаните, ќе бидат поднесени соодветни пријави“, посочија од СВР Охрид.
Во друга акција опфатени биле 13 пловни објекти и 13 физички лица. Надлежните утврдиле дури 22 прекршоци според Законот за внатрешна пловидба, за кои е изготвен и поднесен соодветен службен материјал.
Од 16 алкотестирани лица, кај седум било утврдено присуство на алкохол. Кај двајца од нив, мерењата покажале високи концентрации, од 1,17 и 1,07 промили алкохол во крвта, што претставува сериозен ризик за безбедноста на пловидбата и патниците.
Од Министерството за транспорт апелираат до сите сопственици на пловни објекти да ја завршат навремено регистрацијата, да ги почитуваат прописите за безбедна пловидба и да не управуваат под дејство на алкохол.
Контроли се најавуваат и во наредниот период.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој вчера беше во работна посета на Охрид кажа дека Охридското Езеро годинава е покриено со значително повисок степен на полициско присуство.
„Обезбедена е поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите, а резултатите од контролните активности покажуваат подобри ефекти од претходните сезони“, рече Тошковски.
С. ВРЕНЦОВСКА