ОХРИЃАНЕЦ КОНСТРУИРАШЕ СЕИЗМОМЕТАР ШТО МОЖЕ ДА ГО ИМА СЕКОЈ ДОМ, ГО БАРААТ И АМЕРИКАНЦИТЕ

    ОХРИЃАНЕЦ КОНСТРУИРАШЕ СЕИЗМОМЕТАР ШТО МОЖЕ ДА ГО ИМА СЕКОЈ ДОМ, ГО БАРААТ И АМЕРИКАНЦИТЕУредот на Павлески ги регистрираа и најмалите поместувања во земјата, дури и оние што ги предизвикуваат силен ветер или езерски бранови (Фото: СДК.МК)

    Охриѓанецот Мирко Павлески конструираше сеизмометар што може да се монтира во секој дом и кој според своите карактеристики не заостанува зад оние во големите сеизмолошки опсерватории кои регистрираат земјотреси низ светот. Поради ефикасноста, малите димензии и оригиналните решенија, сакаат да го имаат и Американците.

    Павлески се решил да конструира сеизмометар по земјотресите кои во јуни и јули 2017 година го тресеа Охрид повеќе од еден месец и ги распаметија жителите. Во август, кога опсерваториите веќе не ги прикажуваа тресењата на почвата во Охрид, тој со своите уреди регистрирал и до 50 помали потреси дневно.

    „Таа година кога Охрид се тресеше секојдневно, сеизмолошките центри даваа информации за посилните потреси, а јас сакав да имам свој уред кој ќе дава податоци и за помалите поместувања на почвата. Набргу го направив првиот сеизмометар со кој успеав да регистрирам и многу мали потреси. Тогаш мојот уред регистрираше и до педесетина помали поместувања во земјата дневно. Мојот најнов апарат регистрира потреси и при невреме, кога има силен ветер. Посилниот ветер ги ниша дрвјата, а тоа предизвикува поместување на почвата. Сето тоа го регистрира мојот сеизмометар”, вели Павлески.

    Овој уред е составен од механички и електронски дел, има мали димензии и може да се смести во секој дом. Чини не повеќе од 1.000 денари, за разлика од сложените системи, кои чинат илјадници долари.

    „Механичкиот дел е мое оригинално решение и се состои од лебдечко механичко нишало кое реагира и на најмал потрес, а електронскиот дел ги регистрира сигналите и ги обработува во облик погоден за комуникација со компјутер. На интернет е достапен слободен софтвер за приказ на овие потреси, развиен од неколку американски универзитети. За охриѓани е интересно што преку овој сеизмометар можат да се регистрираат и движењата на почвата кои ги предизвикуваат брановите во езерото”, кажува Павлески.

    Тој има свој Јутјуб канал, а за својот уред има добиено пофалби од познати американски експерти. Воедно, регистриран е, како единствен на Балканот, и во ИРИС системот, конзорциум на 120 американски универзитети и научни установи кои собираат, управуваат и дистрибуираат сеизмолошки податоци. На интернет страницата на ИРИС може во реално време да се следи работата на овој сеизмометар под името МПОХР.

    Покрај овој сеизмометар, кој е во фаза на патентирање, Павлески има изработено уште седум други видови сеизмометри, а рецензенти на неговите проекти се познатите интернет страници Hackaday, Planet Arduino, Dfrobot и други.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира