Охриѓани лани фрлиле во ѓубре стара хартија во вредност од околу 15 илјади евра. „Охридски комуналец” во контејнерите низ градот собрал над 170 тони хартија и над три тони пластика.
„Проценките кажуваат дека на едно просечно охридско семејство не му се исплаќа да ја носи старата хартија на откупните пунктови во градот, бидејќи цената за еден килограм стара хартија е пет денари. Според некои согледувања, овдешно семејство може во просек да собере триесетина килограми ваков отпаден материјал, кој може да се рециклира. Токму поради тоа, ние се одлучивме да ја собираме хартијата од целиот град. Деновиве поставивме 40 садови за хартија и 14 садови за пластика”, вели директорот на „Охридски комуналец”, Љупчо Грданоски.
„Охридски комуналец” постави вакви садови и во општинската зграда, чија администрација е голем потрошувач на хартија. Со овој зафат, „Охридски комуналец” дава свој придонес за поздрава животна средина и обезбедува дополнителни приходи.
Д. ЧУБРИЌ