ОКОЛУ 3.000 ДИВОГРАДБИ ВО ОХРИД СЕ ДОЛЖ ЕЗЕРОТО И ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ГАЛИЧИЦА, ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ БАРААТ ДА СЕ ОТСТРАНАТ, НО И ДА СЕ СПРЕЧИ НЕЛЕГАЛНОТО ГРАДЕЊЕ

    ОКОЛУ 3.000 ДИВОГРАДБИ ВО ОХРИД СЕ ДОЛЖ ЕЗЕРОТО И ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ГАЛИЧИЦА, ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ БАРААТ ДА СЕ ОТСТРАНАТ, НО И ДА СЕ СПРЕЧИ НЕЛЕГАЛНОТО ГРАДЕЊЕВчера почна уривањето на платформите на некои од најатрактивните плажи на Охридското Езеро (Фото: СДК.МК)

    Недоволно уредена законска регулатива за спроведување на легализацијата, чести измени и дополни на законот во делот на продолжување на рокот за поднесување барање и комплетирање на документацијата, недоволна кадровска екипираност на чинителите инволвирани во процесот, недоследна примена на законски предвидените услови и рокови за постапување, сложеноста на процесот на донесување на урбанистичко-планска документација и нецелосно почитување на законските одредби при спроведување на постапките за утврдување на бесправно изградени објекти кои се во надлежност на Министерството за транспорт и врски се дел од состојбите кои имаат влијание врз законско, транспарентно и ефикасно спроведување на постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти на територијата на Општина Охрид, стои во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

    Сите овие состојби придонесуваат легализацијата да не се одвива согласно целите на законот, имајќи предвид дека бесправно изградените објекти негативно се одразуваат на урбаниот развој и на зачувувањето на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.

    Во извештајот се наведува дека во Регистарот за поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти на Општина Охрид, заклучно со септември 2020, се евидентирани 15.939 барања за добивање правен статус на 19.935 објекти. Одобрени се барањата за 5.806 објекти или 30 проценти, одбиени се барањата за 2.544 објекти (19%), додека во постапка се барањата за 11.585 објекти.

    Од предметите за кои е во тек постапката за легализација, ревизорите утврдиле дека 416 објекти се во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро, а во границите на Националниот парк Галичица има 2.347 објекти. Најголем број од поднесените барања се за семејни куќи и други помошни објекти, како и објекти за земјоделско земјиште.

    Во периодот од 2011 до 2020, инспекцискиот надзор се вршел со еден вработен овластен градежен инспектор до 2015, двајца во 2019 и тројца во 2020.

    Ревизорите исто така укажале дека не се почитувале роковите за носење урбанистичко-планска документација, а не биле прецизно дефинирани ниту надлежностите на локалната самоуправа и на надлежното министерство.

    Општината, според ревизорскиот извештај, треба да изработи детален инвентар на сите бесправно изградени објекти и да спроведе постапки за оцена на влијанието врз животната средина и културното наследство за да се процени нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на доброто, да ги отстрани сите бесправно изградени објекти на територијата на доброто, а особено во Националниот парк Галичица, како и да обезбеди целосно спроведување на законите за да се спречи нелегалното градење.

    Во тек е постапка за донесување нов Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, кој во септември 2020 Владата го достави до Собранието. Според него, во Охридскиот Регион ќе можат да се легализираат само оние објекти кои претставуваат функционална целина заклучно до 1 октомври 2019 и кои според студиите за оцена на влијанието врз животната средина и културното наследство не ги загрозуваат универзалните вредности согласно УНЕСКО.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира