ОПАСНА ДУПКА ДЛАБОКА ДВА МЕТРА ЦЕЛ МЕСЕЦ ЗЈАЕ НЕЗАШТИТЕНА НА КЕЈОТ ВО КУМАНОВО

    ОПАСНА ДУПКА ДЛАБОКА ДВА МЕТРА ЦЕЛ МЕСЕЦ ЗЈАЕ НЕЗАШТИТЕНА НА КЕЈОТ ВО КУМАНОВООд ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека се запознаени со проблемот и во наредните неколку дена ќе ја затрупаат дупката. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од еден месец стои необележана и незаштитена голема дупка на пешачката патека на Градскиот кеј во Куманово. Дупката е со должина од 5-6 метри, широка околу метар и пол и длабока преку два метра, зафаќа од работ кон средината на самата пешачка патека покрај реката Кумановка и е голема опасност за пешаците и велосипедистите, особено ноќе, бидејќи местото не е осветлено. Направена е од ерозија на земјиштето под бекатон плочките по обилните дождови и постојано се шири.

    „При крајот на февруари, кога имаше поројни дождови надојде голема вода и ја поткопа земјата. Дупката е многу длабока, два метра има над површината, а уште толку под неа. Овдека е слапот и реката е многу длабока. Не дај боже некој да пропадне, ќе го повлече водата и нема да може да излезе“, вели 72-годишен спортски риболовец кого го најдовме покрај реката.

    И другите граѓани кои ги сретнавме на кејот се чудат зошто досега никој од надлежните општински служби не реагирале барем да го обележат местото со пластична лента, за да не се случи некоја несреќа додека да ја поправат.

    „Не знам зошто не се презема ништо, се објави на Интернет сигурно ја виделе и тие што треба да ја затрупаат. Овде секојдневно има работници кои го чистат кејот. Опасно е да стои вака отворена и незаштина, деца поминуваат и од љубопитство, од невнимание во детска игра може да се поттурне некое и да пропадне. Немој да чекаат да се случи некоја трагедија па потоа да реагираат, тогаш ќе биде доцна и не е важно кој ќе биде виновен“, загрижени се нашите соговорници.

    Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека се запознаени со проблемот и во наредните неколку дена ќе ја затрупаат дупката.

    „По обилните врнежи се создадоа оштетувања на неколку места на патеката, неколку помали дупки затворивме, но бидејќи се работи за поголем одрон ќе треба и повеќе материјал. Деновиве ќе ја затрупаме дупаката со земја и со ризла“, велат од претпријатието.

    На Градскиот кеј секојдневно врие од луѓе, бидејќи е единственото поголемо уредено место за прошетка и рекреација во градот. Пешачката патека повеќе ја користат спортистите, но има родители кои ги шетаат своите деца покрај водата. Како затопли времето многу често тука доаѓаат и сами деца од околните населби.

    Градскиот кеј во Куманово е изграден пред 15-години, редовно се одржува зеленилото и патеките во централниот дел, додека пешачките патеки, каменот и плочите на коритото на повеќе места се оштетени и потребна е итна санација за да не пропаднат целосно.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира