Изгорени се влезната врата и натписот „Ванчо Михајлов“ од Бугарскиот клуб на улица Рузвелтова во Битола. Внатре не е нанесена штета. Љупчо Ѓоргиевски, претседателот на Културниот центар „Иван Михајлов“, вели дека пожарот е подметнат рано утрово во пет часот и дека соседите повикале пожарна и бил изгаснат, па не се проширил врз други делови од објектот.
Полицијата утрово изврши увид, но засега нема официјална информација за причините.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола, утрово извршија увид на лице место на опожарен објект – центар за култура ‘Ванчо Михајлов’. Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење. Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти“, соопшти Обвинителството.
Премиерот Димитар Ковачевски го осуди палењето на бугарскиот клуб и рече дека „во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо“.
„Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите“, рече Ковачевски.
Министерството за надворешни работи (МНР) најостро го осуди намерното палење на влезот на бугарскиот клуб и соопшти дека „ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина“, велат од МНР во својата реакција. Според МНР, „ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Македонија“.
Како што соопшти МНР, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска денеска и утре престојува во работна посета на Македонија, и според најавата на прес-центарот на бугарското МНР, таа ќе го посети и клубот во Битола.
И претседателот Стево Пендаровски најостро го осуди палењето на бугарскиот клуб и рече дека „ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија“. Тој ги повика надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите.
Клубот именуван по контроверзниот соработник на фашистите Ванчо Михајлов, беше отворен во поранешното Еврејско маало во Битола на 16 април во присуство на бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателка Илиана Јотова и други претставници од бугарскиот државен врв.
Тогаш, Сојузот на борците во Битола протестираше поради отворање на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола и кажа дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ.
Премиерот Димитар Ковачевски за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ кажа дека го поттикнува говорот на омраза и недоверба со намера да се поткопаат и да се стави под сомнение досегашниот напредок во дијалогот меѓу Скопје и Софија, и дека клубот е провокација која што не оди во насока на подобрување на односите и постигнување на договор, а со тоа и отворање на преговорите за земјава со ЕУ.
Претседателот Стево Пендаровски кажа дека во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави, и оти Ванчо Михајлов, кој е докажан соработник на фашистичкиот режим, не може да ги зближи македонскиот и бугарскиот народ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА