ОПШТИНА АЕРОДРОМ Ѝ ПИША КАЗНА ОД 88.000 ЕВРА НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ОТИ НЕ ГО СОБИРА ЃУБРЕТО ОД КОНТЕЈНЕРИТЕ

    ОПШТИНА АЕРОДРОМ Ѝ ПИША КАЗНА ОД 88.000 ЕВРА НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ОТИ НЕ ГО СОБИРА ЃУБРЕТО ОД КОНТЕЈНЕРИТЕОд Општината велат дека казната е пишана за непостапување врз основа на член 37 став 1 од Законот за управување со отпад.(Фото: Општина Аеродром)

    Општина Аеродром ѝ пиша казна на „Комунална хигена“ од 88.000 евра бидејќи не го собира ѓубрето од контејнерите и општината е затрупана во смет. Од Општината велат дека казната е пишана за непостапување врз основа на член 37 став 1 од Законот за управување со отпад.

    „По долг период на трпение и многубројни укажувања, Општина Аеродром изрече прекршочна казна во износ од 88.000 евра на ЈП ‘Комунална хигиена‘ поради континуирано нефункционирање, несоодветно собирање отпад и негрижа за јавната хигиена на нејзината територија.Оваа санкција не е политичка, туку институционална како резултат на утврдени пропусти во работата на претпријатието. Дополнително, жителите на Аеродром секојдневно се обраќаат до Општината со поплаки за преполни контејнери, неподнослива нечистотија на улиците во сите населби, иако редовно и уредно ги плаќаат комуналните давачки секој месец“, вели в.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески.

    Тој ги повика надлежните од „Комунална хигиена“ да ги преземат сите неопходни мерки за чиста животна средина и конечно да почнат да работат во интерес на граѓаните.

    Јавното претпријатие има рок од 8 дена да ја плати казната, а доколку тоа не го стори ќе биде поведена прекршочна постапка пред надлежен суд.

    Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека работат според оперативен план кој го усвојува Советот на Град Скопје, под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.

    „Кога в.д. градоначалникот Митески ги повикува граѓаните да фрлаат кабаст отпад, треба да знае и дека законот го обврзува да го собира тој отпад. А кога на слика се гледаат гарнитури и мебел од нечија дневна соба, тоа е обврска на службите кои тој ги раководи. Ако навистина ви беше Митески до хигиена, ќе побаравте од вашиот Совет на Град Скопје да си ја завршат работата“, се вели во соопштение испратено од ЈП „Комунална хигиена’.

    Преполни контејнери со ѓубре има во цело Скопје. Проблем има и со празнење на кантите за ѓубре од куќите низ населбите за иднивидуално домување каде што наместо два пати, ѓубрето се собира еднаш неделно.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира