За Општина Битола да добие грант од милион евра од заемот што државата го зела од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за реконструкција на водоводни мрежи, според расправата на последната седница, Советот треба да донесе одлука за пренасочување на средства од општинскиот буџет ако не се испочитува договорот и да се достави изјава дека јавните претпријатие немаат загуба. Но „Водовод“ има загуба од над 987.000 евра, а „Нискоградба“ 340.000 евра. На последната седница на Советот, советниците од СДСМ, Поинаку и Левица гласаа воздржано и не беа донесени одлуките за давање согласност за измирување, односно пренасочување на средства од буџетската сметка на Општина Битола и одлука за давање согласност за потпишување на договор за грант.
Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ со денови ја обвинува опозицијата дека не ги поддржала седумте проекти за реконструкција на водоводни и канализациски мрежи со средства од Европската инвестициона банка. А советниците од опозицијата велат дека никој од Општината не дошол да им ги образложи одлуките што треба да ги донесат и не можат да застанат зад невистинита изјава дека јавните претпријатија не се задолжени.
„Немаме ништо против инвестирање и локациите, но не и ЕИБ да се лаже дека имате рентабилни јавни претпријатија кои ќе треба да ги одржуваат мрежите. Бараме да се достави и објасни договорот, а потоа ако треба ќе викнеме и вонредна седница“, рече претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку.
Елизабета Тодоровска од Демократскиот сојуз на Власите рече дека ова значи оти Општината ќе треба да гарантира со пари ако инфраструрата не биде ставена во употреба. Петар Николовски, координатор на советниците од СДСМ, изјави дека наместо локалната власт да ги обвинува оти се против европски пари, да дојде претставник од Општината да го образложи и достави договорот што треба да го потпише градоначалникот Тони Коњановски.
Во остсуство на преставник од Општината, предложената точка на дневен ред до последно ја бранеше советникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски. Обвини дека дел од советниците немаат желба да се искористат овие пари и сакаат да ја кочат Општината.
„Во случај на непочитрување на договорните услуги, се дава согласност на градоначалникот за измирување на средствата од буџетската сметка на Битола во износ на искористените средстав од договорот за грант. Но, мрежите што ќе се реконструираат веќе постојат и нема можност да не бидат ставени во функција“, рече Бојкоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА