ОПШТИНА БИТОЛА ЕДНА ГОДИНА ЧЕКА ОДГОВОР ОД ВЛАДАТА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ДЕТСКОТО ОДМОРАЛИШТЕ „ПЕЛИСТЕР“

    ОПШТИНА БИТОЛА ЕДНА ГОДИНА ЧЕКА ОДГОВОР ОД ВЛАДАТА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ДЕТСКОТО ОДМОРАЛИШТЕ „ПЕЛИСТЕР“Детското одморалиште „Пелистер“ не работи осум години. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола уште не добил одговор по барањето испратено до Владата лани во март, за на локално ниво да се пренесе користењето на детското одморалиште „Пелистер“ кое не работи осум години.

    „На почетокот на минатата година, едногласно побаравме од Владата да ни го врати на користење детското одморалиште ‘Пелистер’, па ќе замолам службите на Оппштината да ни дадат информација дали стигнал некаков одговор. Од друга страна, да ги потсетам политичките субјекти кои имаат свои претставници во Парламентот, ете тројца се, дали некој од нашите претставници во Влада или Парламент го покренале ова како иницијатива?“, праша советникот Иван Чулакоски од Поинаку на денешната седница на Советот.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска одговори дека, иако барањето било поднесено во март лани, до денес немаат одговор од Владата.

    „До денес немаме добиено ништо повратно. Доколку вратеа ќе беше препратено до сите советници“, рече Илиевска.

    Детското одморалиште беше изградено со пари од битолчани, од придонесите што ги плаќаа во социјализамот за детска заштита и образование. Беше пуштено во употреба во 1985, објект на неколку ката со стотици легла, соби со засебни балкони и тоалети, игралиште, сала за игранки, пространа менза, во срцето на националниот парк. Потоа домот премина во сопственост на Министерството за труд и социјална политика кое во минатото го издаваше под закуп. Државата долги години не инвестираше да се постави ни една шајка во одморалиштето, па затоа денес објектот се распаѓа.

    За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се направија неколку обиди да се продаде објектот, но купувачи немаше, па секојпат цената се намалуваше. Последен пат беше понудено за 500.000 евра. Денес, објектот кој секоја година е во сè полоша состојба, е само нем споменик на култното детско сврталиште, каде голем дел од децата во државата ги минаа првите самостојни летувања и зимувања.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира