Општина Битола и по барање за слободен пристап до информации од јавен карактер не откри колкав износ исплатила за Комисијата за проценки на штети од земјотресот во Битола, кој се случи во 2022. Нашето барање колку пари од општинскиот буџет биле исплатени на Комисијата, на колку членови, кој беше највисокиот, а кој најнискиот износ, Општината го отфрли како штетно за личните податоци на членовите, иако никаде не побаравме да се открие нивниот идентитет. Инаку се работи за јавни пари, општински средства, кои беа исплатени до Комисијата, во која членуваа и вработени во јавната администрација.
Барањето за слободен пристап до информации го доставивме откако преку прес-службата не добивме информацик колку пари добила Комисијата. Општината по нашето барање спроведе дури и тест за штетност и достави заклучок дека не може да открива индивидуални информации без согласност на лицата.
На порталот „Отворени финансии“ , пак, објавени се седумте члена на Комисијата со име и презиме и наведени се износите кои ги зеле одделно во вредност од 1.600 до 2.400 евра за извршената проценка на штетите.

Општината по нашето барање спроведе и тест за штетност и достави заклучок дека не може да открива индивидуални информации без согласност на лицата. (Фото: СДК.МК)
„Иако бараната информација се однесува на административни службеници, односно вработени во Општина Битола кои користат јавни средства, согласно Законот за лични податоци, со кој се гарантира заштитата на личните податоци, објавувањето на индивидуални износи на надоместоци за поединци без нивна изрична соглансост претставува повреда на овој закон, освен ако не постои законски основ за таквото објавување“, стои во тестот за штетност што ни го пратија од Општината.
Воедно, во заклучокот за спроведениот тест за штетност наведуваат дека бараните информации претставуват исклучок од Законот за слободен пристап до информации согласно член 6, став 1, точка 2. Можат да се објават само ако постои јасен законски основ за такво објавување.
На граѓаните кои претрпеа штети од земјотресот друи по четири години, во февруари годинава, им беа исплатени само 5 проценти од проценетите штети. Владата по безмалку три години, на 23. седница одржана во октомври 2024, одлучи за земјотресот во Битола да се издвојат само 5% од вкупно проценетата штета. Таа изнесуваше 35.690.926 денари, а се исплатија само 1.784.546 денари. Имаше над 2.400 предмети, што во просек по лице доаѓа 732 денари. Но, имаше и граѓани со помали штети на имотите, па не зедоа ни 100 денари отштета.
Во јануари 2022 Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Нaјсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница и други институции, згради и индивидуални куќи.
- ОД 1.600 ДО 2.400 ЕВРА ЗЕЛЕ ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО БИТОЛА, А ОШТЕТЕНИТЕ БИТОЛЧАНИ ДОБИЈА ВО ПРОСЕК ПО 12 ЕВРА
- ТАЈНА СЕ ХОНОРАРИТЕ НА ПРОЦЕНИТЕЛИТЕ НА ШТЕТА ОД БИТОЛСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО 2022, ОШТЕТЕНИТЕ ГРАЃАНИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПО 732 ДЕНАРИ ВО ПРОСЕК
- ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ НИ ИСПЛАТИЈА САМО 5 ОТСТО ОД ОТШТЕТАТА, ДОВОЛНО САМО ЗА КАНТА БОЈА, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИ ЧИИ КУЌИ БЕА ОШТЕТЕНИ
Ж. ЗДРАВКОВСКА



