ОПШТИНА БИТОЛА ЛАНИ ИМ ИСПЛАТИЛА НАД 20.000 ЕВРА НА ГРАЃАНИТЕ КОИ БИЛЕ НАПАДНАТИ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЛАНИ ИМ ИСПЛАТИЛА НАД 20.000 ЕВРА НА ГРАЃАНИТЕ КОИ БИЛЕ НАПАДНАТИ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊАИ покрај неколку обиди, Битола досега не го реши проблемот со згрижување на уличните кучиња (Фото: СДК.МК)

    Глутници кучиња шетаат низ битолските улици и паркови, дури и по Широк Сокак, спијат крај кафулињата и во дворови на некои државни институции. Дел од нив се пријателски расположени, но кога се во чопор и се парат, стануваат агресивни. Битола досега не го решила проблемот со згрижување на уличните кучиња. Битолчани се поделени, едни стравуваат за својата безбедност, други велат дека кучињата не можат да им нанесат зло.

    „Бев сведок на лош момент. Среде улица почнаа да се напаѓаат меѓу себе и да лаат на минувачите. Се исплашив и влегов во продавница. Се навртија околу татко со мало дете кој случајно минуваше крај нив и немаше каде да избега. Лаеја, детето плачеше. Од дуќаните излегоа вработени и почнаа да викаат по животните. Но, никој не можеше да им се доближи. Човекот некако ги смири и продолжија понатаму“, кажува битолчанка.

    Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вели дека Општината лани исплатила 1,29 милиони денари по тужби на граѓани каснати или нападнати од кучиња.

    „Се водат уште десетина предмети кои не се дојдени до завршна фаза. Ова е горлив проблем за кој во изминатиот период не беше најдено решение. Веднаш ќе почнеме да работиме на преоден модел. Ќе имаме состаноци со соодветните здруженија, а понатаму и системски ќе го решаваме проблемот преку стационар за згрижување“, рече Коњановски.

    Претходната локална власт во 2019 во Службен весник објави заклучок од Програмата за решавање на проблемот со бездомни животни. Беше предвидено заловување, масовна стерилизација и вакцинација, па кучињата со ушна маркица да се враќаат на улица. Тоа требало да биде преодно решение додека не се изгради регионален прифатен центар. Беше одредена и локација, а Општина Битола и Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион во соработка со УНДП изработуваа физибилити студија. Се предвидуваше стационар за 250 кучиња.

    До пред неколку години, кучињата ги заловуваше шинтер и се ставаа во кафези во склоп на Зоолошката градина во Битола, на што реагираа здруженија за заштита на животни. Пред две години, дел од уличните кучиња беа стерилизирани, чипирани и вакцинирани преку проект на фондација на доктори со македонско потекло од САД.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира