ОПШТИНА БИТОЛА НА ПОМОШ ВИКНА АВТОБУСИ ОД СКОПЈЕ

    ОПШТИНА БИТОЛА НА ПОМОШ ВИКНА АВТОБУСИ ОД СКОПЈЕСкопските автобуси ѝ се оставени на шестмесечно користење на Општина Битола (Фото: СДК)

    Во Општина Битола за превоз на ученици стигнаа три автобуси од ЈСП „Скопје“, што ќе ги возат до училиште доколку се случи ситуација како вчерашната, кога превозниците од Битола протестираа и не возеа.

    Денеска, трите скопски автобуси биле на дестинациите и постојките на кои се качуваат децата, во случај тие да останат без превоз. Но, за разлика од вчера, битолските превозни компании денеска возеа.

    ,,Благодарение на добрата соработка со Скопје, од вчера добивме автобуси од ЈСП „Скопје“, со што во возниот парк во Општина Битола имаме зголемен капацитет. Ќе бидат наменети за потребите на граѓаните на општината онака како што ќе наложуваат околностите”, рече градоначалничката Петровска.

    Автобусите им се оставени на користење на шест месеци.

    ,,Ќе се користат по потреба, не само за ученици. Општината понекогаш има потреба да превезува ученици до излетнички места. Имаме и пензионери кои имаат свои потреби за превоз до некоја дестинација во општината”, рече Петровска.

    Градоначалничката најави дека и сите возила од општинскиот возен парк кои долго време се паркирани во дворот на Општината ќе се користат во насока на подобрување на услугите на граѓаните.

    Бесплатниот школски превоз со години наназад предизвикуваше големи долгови од училиштата кон превозниците, од кои добар дел сè уште не се платени. Превозот се одвиваше по различни тарифи за патниците во линискиот превоз и за учениците. Со законски измени, учениците сега можат да ги користат редовните автобуски линии и да се возат по цена како другите патници. Вчера требаше тарифникот да биде изменет, но превозниците излегоа на протест, со образложение дека не им се исплатливи новите цени. Донесувањето на тарифникот беше одложено.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира