Општина Битола сама ќе го изгради планинарскиот дом Копанки на Пелистер со општински средства, нам асполутно не ни требаат никакви донации, одговори градоначалничката Наташа Петровска на барањето на ПОДЕМ Владата да им препорача на јавните институции да издвојат пари за Копанки како за трговскиот центар „Глобал“ од Струмица. Петровска рече дека деновиве добиле одлука од Управниот суд, со која се смета за неоснована тужбата на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ кон Министерството за транспорт и врски за случајот „Копанки“.
„Уште на самиот почеток кажав дека планината е на битолчани, не е во ничија сопственост, го поништив решението за легализација на тој објект дадено за време на претходната власт. На Второстепена комисија при Министерство за транспорт беше потврдена мојата одлука. Деновиве, добивме и одлука од Управниот суд со која тужбата на ‘Пелистер’ кон Министерството за транспорт кое одлучи по основа на жалбата се смета за неоснована. Сите досега правни разрешници укажуваат дека била злоупотребена позицијата на некои за да го узурпираат планинарскиот дом, пред сѐ мислам на челниците кои го воделе тој процес. Случајот мора да доживее разрешница и се надевам дека наскоро ќе заврши за ние да преминеме кон она што како намера го покажавме и она зад што стојам како градоначалник – Општина Битола сама ќе го изгради планинарскиот дом“, рече Петровска.
ПОДЕМ деновиве по пожарот во „Глобал“, преку соопштение побара начинот и формата на исплата на финансиските средства од јавните институции да биде ист за двата опожарени објекти, на Пелистер и во Струмица.
„Објаснувањето, дека не постои законска можност за исплата на финансиски средства кон здружение на граѓани сега станува беспредметно, поготово по повикот на Владата за исплата на пари кон струмичкото здружение за граѓани, кое е ист правен субјект како и битолското планинарско здружение за обнова на објектот“, вели ПОДЕМ во соопштението.
Ова е осма година по страотниот пожар во култниот планинарски дом Копанки на Пелистер. На местото на некогашното познато збиралиште на вљубениците во планината останаа само рушевините од домот. Претохдната локална власт го легализираше домот, а сопственоста ја даде на планинарското здружение. Општината уште пред две години соопшти дека ќе обезбеди средства за обнова на домот, но доколку Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ кој се води како сопственик им го отстапи, зашто не можат да инвестираат на туѓ имот. Планинарите соопштија дека нема да го дадат имотот и започнаа со одредни активности за реконструкција, но не успеаја да го обноват. Општина Битола ја одзеде сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ на планинарскиот клуб и ја пренесе на државата, со образложение дека поранешниот градоначалник Владимир Талески со ваквата легализација ја злоупотребил службената положба и донел правно неиздржан акт. На ова следуваа жалби, тужби и конечно се чекаше одлуката на Управниот суд.
Ж. ЗДРАВКОВСКА