ОПШТИНА ЧАИР ЌЕ ДАДЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБАТА КАЈ „МАВРОВКА“ ЗА ДА ГИ ПОТТИКНЕ ФИРМИТЕ ДА СЕ ЈАВАТ НА ТРЕТИОТ ТЕНДЕР

    ОПШТИНА ЧАИР ЌЕ ДАДЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБАТА КАЈ „МАВРОВКА“ ЗА ДА ГИ ПОТТИКНЕ ФИРМИТЕ ДА СЕ ЈАВАТ НА ТРЕТИОТ ТЕНДЕРНа првите два тендера се уривање на дивоградби во општината беа предвидени еден милион денари.(Фото: К. Попов)

    Откако на двата тендера за уривање на дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ во строгиот центар на Скопје не се јави ниту една фирма, Општина Чаир ќе ги стимулира фирмите преку зголемување на вредноста на договорот. На првите два тендера се уривање на дивоградби во Општината беа предвидени еден милион денари.

    Од Општина Чаир велат дека таа сума била предвидена на почетокот на годината кога се усвојувал годишниот план за јавни набавки.

    „Согласно извршените консултации и врз основа на Законот за јавните набавки, Општина Чаир пристапува кон зголемување на проценетата вредноста на јавната набавка, како единствен можен механизам поради непредвидените настанати околности за поттикнување на учеството на економските оператори во постапката“, велат од Општина Чаир.

    Новиот трет тендер ќе биде објавен во текот на оваа недела, а колку пари ќе се предвидат со кои треба да се поттикнат фирмите да конкурираат уште не е одлучено.

    Кој ја гради дивоградбата кај „Мавровка“ сѐ уште не се знае. Бидејќи Општина Чаир не може да го открие инвеститорот, во случајот се вклучи и Министерството за внатрешни работи, од каде пред две недели соопштија дека имале основни сомневања кој гради на диво во центарот на Скопје и доказите ги предале на Основното обвинителство. Од МВР не кажуваат кој е инвеститорот за кого имаат сомневања.

    Од Обвинителството досега нема покрената постапка за овој предмет.

    Дивоградбата пред „Мавровка“ се гради на местото на кафулето „Фонтана“, кое изгоре во пожар на 1 мај годинава.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира