ОПШТИНА КАРПОШ НЕМА ДА ЈА СТОПИРА ЗГРАДАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ВЕЛАТ ОДЛУКА ТРЕБА ДА ДОНЕСЕ НАДЛЕЖЕН СУД ИЛИ ДРУГ ОРГАН

    ОПШТИНА КАРПОШ НЕМА ДА ЈА СТОПИРА ЗГРАДАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ВЕЛАТ ОДЛУКА ТРЕБА ДА ДОНЕСЕ НАДЛЕЖЕН СУД ИЛИ ДРУГ ОРГАНИнвеститорот „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ не само што гради туку веќе ги рекламира и продава становите од зградата . Градоначалникот Стевчо Јакимовски уште од почеток тврди дека нема ништо незаконско во градбатра. (Фото: СДК.МК)

    Општина Карпош нема да ја стопира изградбата на зградата во болничкиот комплекс кај Воена болница. Иако пред единаесет дена стана правосилно решението на Конзерваторски центар со кој се поништува позитивното мислење на терен уште се гради, а Општината нема намера да ја запре градбата. Велат дека за овој случај Општината не може да постапува туку тоа треба да го стори надлежен суд или друг државен орган, не наведувајќи кој.

    Согласно член 95 од Закон за општата управна постапка до истек на роковите предвидени за поведување на управен спор против Решение бр.02.242/3 од 20.03.2024 година, донесено од Управниот одбор на Националната установа Конзерваторски центар-Скопје, од причини што решавањето односно правосилното завршување на цела постапка е предуслов за да се одлучи за самата работа, а истото претставува независно правно прашање за чие решавање е надлежен суд или некој друг јавен орган, Општина Карпош-Сектор за урбанизам неможе да постапува односно нема да превзема никакви управни дејствија“, велат од Општина Карпош.

    Инвеститорот „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ не само што гради туку веќе ги рекламира и продава становите од зградата на социјалните мрежи.

    Конзерваторскиот центар Скопје на 21 февруари го поништи позитивното мислење за изградба на зградата сред болничкиот комплекс кај Воена болница оти е спротивно на Законот за заштита на културно наследство. После ваквата одлука инвеститорот поднесе жалба која беше отфрлена.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира